Саливан: Администрацијата на Бајден гледа можност да склучи договор за прекин на огнот во Појасот Газа уште оваа недела
- Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден гледа можност да склучи договор за прекин на огнот во Појасот Газа уште оваа недела, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан. Сепак, тој додаде дека нема гаранции дека двете страни ќе се согласат на таков договор.
Вашингтон, 13 јануари 2025 (МИА) - Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден гледа можност да склучи договор за прекин на огнот во Појасот Газа уште оваа недела, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан. Сепак, тој додаде дека нема гаранции дека двете страни ќе се согласат на таков договор.
Тој истакна дека администрацијата на Бајден е во контакт со тимот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за тоа прашање.
Според советникот за национална безбедност, владата на Бајден е под зголемен притисок на крајот на својот мандат.
Бајден ќе ја напушти Белата куќа следната недела по поразот на демократите на изборите во ноември. Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, а неговата Републиканска партија ќе ги контролира и двата дома на Конгресот.
Претставници на двете страни присуствуваа на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа кон крајот на минатата недела. „Сега се поставува прашањето: дали сите заедно можеме да го искористиме моментот и да го оствариме тоа“, нагласи Саливан.
Советникот за национална безбедност на Бајден истакна дека Трамп ќе мора да се справи со потенцијалните кибер напади од Кина, руската војна во Украина и предизвиците поврзани со трговијата и царините.
„Видовме дека Кина развива капацитет да изврши деструктивни кибер напади во иднина“, предупреди Саливан.
Тој додаде дека администрацијата на Бајден му пријавила на тимот на Трамп за недостигот на жива сила од кој страда Украина на бојното поле. рп/
Фото: МИА архива