• вторник, 14 јануари 2025

Израелскиот министер за безбедност се закани дека ќе поднесе оставка поради договорот за заложници со Хамас

Израелскиот министер за безбедност се закани дека ќе поднесе оставка поради договорот за заложници со Хамас

Тел Авив, 14 јануари 2025 (МИА) – Екстремно десничарскиот израелски министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир денеска се закани дека ќе поднесе оставка од владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во случај на договор со исламистичкото движење Хамас за заложниците кои се држат во Појасот Газа.

Во објавата на X, Бен-Гвир го повика десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич да му се придружи во спротивставувањето на „страшниот договор што се поставува“.

Нетанјаху требаше да биде одлучно информиран „дека ќе ја напуштиме владата ако договорот биде склучен“, побара Бен-Гвир, пренесе ДПА.

Но, тој додаде дека во случај на негова оставка, нема да бара да се собори владата. Израел и во минатото имал малцински влади.

Владата на Нетанјаху има 68 места во 120-члениот израелски парламент, Кнесетот. Ако групите предводени од Бен-Гвир и Смотрич се заминат, тој повеќе нема да има мнозинство.

Јаир Лапид, лидер на опозицијата во парламентот и поранешен премиер, во понеделникот рече дека ќе биде подготвен да му понуди на Нетанјаху „заштитна мрежа“ за да постигне договор за заложници со Хамас.

Бен-Гвир изрази критики за најавените планови за повлекување на израелските сили од Појасот Газа и ослободување на стотици палестински затвореници кои ги држи Израел во замена за ослободување на 33 заложници во почетната фаза, нарекувајќи го договорот од ваков вид „капитулација“.

Наместо тоа, тој повика на целосно прекинување на хуманитарната помош за Појасот Газа, вклучувајќи гориво, струја и вода, со цел „целосно потчинување“ на Хамас.

Американскиот претседател во заминување Џо Бајден вчера изрази внимателен оптимизам, велејќи дека прекинот на огнот се чини дека е „на работ“ на „конечно остварување“. јт/

Остани поврзан