• вторник, 25 јуни 2024

САД со предупредување до Хезболах

САД со предупредување до Хезболах

Вашингтон, 25 јуни 2024 (МИА) – Американските власти го предупредија Хезболах дека Вашингтон нема да го спречи Израел да го нападне проиранското шиитско движење, објави „Политико“ повикувајќи се на неименувани извори од администрацијата на САД.

- Пораката е смислена со цел шиитската милиција да се повлече и да ја деескалира кризата која се подготвува долж израелско-либанската граница. Американската порака е: Не сметајте на нашата помош доколку Израел реши да нападне, наведува „Политико“.

Двајца неименувани американски функционери изјавија за „Политико“ дека Хезболах исто така мора да разбере дека Вашингтон ќе му помогне на Израел да се одбрани, ако шиитското движење возврати. Тие нагласија дека милитантната група не треба да смета дека САД ќе дејствува како кочница во израелското носење на одлуки.

Хезболах се наоѓа на американската листа на терористички организации.

Специјалниот пратеник на САД, Амос Хохштајн и други американски официјални претставници изминатите денови го посетија регионот во обид да ги смират тензиите.

Израел и Хезболах се вклучени во конфликт на ниско ниво со месеци, со размена на оган и целни операции по терористичкиот напад на Хамас врз Израел и израелската одмазда во Појасот Газа. Конфликтите меѓу Хезболах и Израел се интензивираа изминатите неколку недели откако се намали интензитетот на израелските операции во Појасот Газа. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан