• петок, 22 ноември 2024

САД повторно станаа членка на УНЕСКО

САД повторно станаа членка на УНЕСКО

Париз, 25 јули 2023 (МИА) - Соединетите Американски Држави, по речиси петгодишен прекин, повторно станаа членка на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).

Официјалната церемонија на подигање на американското знаме се одржа во седиштето на организацијата во Париз, на која присуствуваа генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азуле, првата дама на САД, Џил Бајден и првата дама на Франција, Брижит Макрон.

За време на својот говор, Џил Бајден ја најави важната улога на САД во зачувувањето на културното наследство и промовирањето на развојот на образованието и науката во светот.

„Ми беше чест да ви се придружам денеска додека го креваме знамето на САД, симбол на нашата посветеност на глобалната соработка и мир“, рече Бајден.

Таа посочи дека овој потег е пример за ветувањето на претседателот Џо Бајден „да го врати нашето лидерство на светската сцена“.

„Толку сме горди што повторно се придружуваме на УНЕСКО“, рече таа.

Азуле официјално ги означи САД како 194-та членка.

„Во време на поделби, раскол и егзистенцијални закани, денеска сме тука да го потврдиме нашето единство. Заедно ќе бидеме посилни“, рече Азуле и оцени дека враќањето на САД има „значење кое е поголемо од УНЕСКО“.

Специјалниот пратеник на УНЕСКО, американскиот актер Форест Витакер го пофали духот на мирот преку образованието што „не може да биде без УНЕСКО“.

Одлуката на САД да се вратат во УНЕСКО главно се базираше на загриженоста дека Кина ја пополни лидерската дупка откако Вашингтон се повлече за време на администрацијата на Доналд Трамп. Овој развој на настаните ја истакнува пошироката геополитичка динамика во игра, особено зголеменото влијание на Кина во меѓународните институции. САД се повлекоа од УНЕСКО на 31 декември 2018 година под претседателот Доналд Трамп. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан