• понеделник, 25 ноември 2024

САД: Не сме информирани за датумот на инвазијата врз Рафа

САД: Не сме информирани за датумот на инвазијата врз Рафа

Вашингтон, 8 април 2024 (МИА) – САД не се информирани за датумот на израелската инвазија врз Рафа, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, коментирајќи ја изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Милер истакна дека Вашингтон во ниту еден случај не сака да види инвазија врз Рафа, последното прибежиште на раселените Палестинци од Појасот Газа.

- Јасно му ставивме до знаење на Израел дека веруваме дека масивната воена инвазија врз Рафа ќе има исклучително штетен ефект врз цивилите и на крајот ќе и наштети на безбедноста на Израел, посочи Милер.

Нетанјаху во денешната видеопорака истакна дека „постои датум“ за воена инвазија врз градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.

Тој додаде дека операцијата во Рафа е од суштинско значење за победата на Израел во војната со Хамас.

- Денеска добив детален извештај за разговорите во Каиро, постојано работиме да ги постигнеме нашите цели, а пред сè да ги ослободиме сите наши заложници и да постигнеме целосна победа над Хамас. Оваа победа бара влез во Рафа и елиминирање на терористичките баталјони таму. Тоа ќе се случи, датумот е одреден, посочи Нетанјаху, не откривајќи детали.

Нетанјаху зборуваше за инвазија врз Рафа додека во Каиро израелски и претставници на Хамас разговараа за прекин на огнот.

Нетанјаху постојано инсистира Израел да испрати војници во Рафа, градот кој важи за последно упориште на палестинските милитанти на Хамас, но меѓународната заедница, вклучително и најблискиот сојузник на Израел, САД, се спротивставуваат на најавената операција, бидејќи околу 1,4 милиони цивили кои побегнале во градот сериозно ќе бидат загрозени. Израел постојано повторува дека има план да ги заштити цивилите.

Според неименуван израелски извор, Израел купува 40.000 шатори за да се подготви за евакуација на Рафа. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан