• сабота, 21 декември 2024

САД не сакаат УНИФИЛ да бидат доведени во опасност

САД не сакаат УНИФИЛ да бидат доведени во опасност

Вашингтон, 8 октомври 2024 (МИА) – САД не сакаат мировните сили на Обединетите нации во Либан на ниту еден начин да бидат доведени во опасност, вклучително и напади од Израел, соопшти Стејт департментот, додавајќи дека мисијата игра важна улога во воспоставувањето безбедност во земјата.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, исто така, рече дека САД оцениле дека израелските копнени операции во Либан останале ограничени, иако израелските сили изгледале подготвени да ги прошират копнените напади во јужен Либан на годишнината од војната во Газа.

Тој додаде дека Вашингтон јасно му ставил до знаење на Израел дека сака патиштата до аеродромот во Бејрут да останат отворени за сообраќај.

Привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) во вчерашното соопштение изјавија дека се длабоко загрижени поради „неодамнешните активности“ на Израел во близина на позициите на мисијата во Либан.

- Не сакаме да видиме како силите на УНИФИЛ се изложени на ризик. Тие играат важна улога во воспоставувањето безбедност во Либан, им рече Милер на новинарите.

Советот за безбедност ја овласти мисијата да и помогне на либанската армија да ја задржи областа без оружје и вооружен персонал, освен оние на либанската држава. Тоа предизвика тензии со Хезболах, кој го контролира јужниот дел на Либан и е поддржан од Иран.

Израелската војска минатата недела побара од мировните сили на ОН што е можно поскоро да се подготват за поместување на повеќе од пет километри од границата меѓу Израел и Либан, позната како Сина линија. јт/

Фото: УНИФИЛ

Остани поврзан