• среда, 04 февруари 2026

САД и ОН формираат фонд за хуманитарна помош за Судан

САД и ОН формираат фонд за хуманитарна помош за Судан

Њујорк, 4 февруари 2026 (МИА) - САД и Обединетите нации бараат меѓународна поддршка за хуманитарна помош за воено разорениот Судан и формираат нов фонд за хуманитарна помош за Судан со 700 милиони долари придонеси од Обединетите Арапски Емирати и САД.

Американските медиуми пренесуваат дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека ќе придонесе за оваа иницијатива со 200 милиони долари од фондот вреден вкупно две милијарди долари, што Вашингтон го издвои минатата година за финансирање хуманитарни проекти во целиот свет.

ОАЕ објавија дека ќе донираат 500 милиони долари, а Саудиска Арабија и неколку други земји изразија подготвеност да помогнат, без да го прецизираат износот на своите донации.

„Денеска, испраќаме сигнал дека меѓународната заедница ќе работи заедно за да се стави крај на страдањето во Судан и да се обезбеди помошта да стигне до заедниците на кои очајно им е потребна“, изјави заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања и директор на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања (OCHA), Том Флечер.

Судан е во војна од 2023 година кога паравоените сили за брза поддршка и суданската армија се судрија во борба за власт во таа земја.

ООН проценува дека повеќе од 40.000 луѓе загинале во војната, но се верува дека вистинскиот број на жртви може да биде многу поголем.

Конфликтот предизвика најголема хуманитарна криза во светот, во неколку судански региони е прогласен глад, а повеќе од 14 милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови.сд/ми/

Фото:МИА архива

Остани поврзан