• понеделник, 06 април 2026

Руската армија соопшти дека за три часа соборила 148 украински дрона

Руската армија соопшти дека за три часа соборила 148 украински дрона

Москва, 6 април 2026 (МИА) - Руската армија соопшти дека во период од три часа нејзините сили за противвоздушна одбрана собориле вкупно 148 украински беспилотни летала, а во делови од погодените области се работи на обновување на снабдувањето со електрична енергија.

Според руското Министерство за одбрана, дроновите биле пресретнати синоќа меѓу 20 и 23 часот.

Градоначалникот на црноморското пристаниште Новоросиск, Андреј Кравченко, изјави дека остатоци од дрон погодиле висока станбена зграда, но засега нема информации за жртви.

Во Севастопол, пристаништен град на полуостровот Крим, локалните власти соопштија дека во текот на денот биле регистрирани напади со четири дрона, а во последниот бран напади биле соборени уште седум.

Во источниот дел на Украина во регионот Донецк претставници на проруските власти соопштија дека напојувањето со електрична енергија е нормализирано во градовите Донецк и Макиивка, што претходно беше во прекин поради украински напади врз енергетскате инфраструктура, при што без струја останаа над половина милион домаќинства.

Прекини во снабдувањето со електрична енергија биле забележани и во делови од регионот Запорожје, што исто така е под руска контрола. Службите работаат на нивно отстранување.

Во меѓувреме, во руската погранична област Белгород, што често е цел на украински напади, дрон убил волонтер на Службата за цивилна заштита. аб/сд

фото/МИА архива

Остани поврзан