• вторник, 19 ноември 2024

САД: Треба да се спречи ескалација меѓу Израел и Хезболах

САД: Треба да се спречи ескалација меѓу Израел и Хезболах

Вашингтон, 24 септември 2024 (МИА) - Соединетите Американски Држави не поддржуваат ескалација на конфликтот што се случи во последните денови меѓу Израел и Хезболах, изјави висок функционер на Стејт департментот.

„Не можам да се сетам, барем не во последно време, дека каква било ескалација или интензивирање на конфликтот доведе до деескалација. Стабилизацијата не може да се случи на таков начин“, рече претставникот, наведувајќи дека Вашингтон интензивно ќе разговара со своите сојузници за конкретни идеи за смирување на ситуацијата и спречување на проширување на војната.

Во понеделникот Израел изврши жестоки воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан, при што загинаа 492 лица, повеќе од 1.500 луѓе беа ранети, а десетици илјади избегаа за да најдат побезбедно место.

По нападот, израелските власти изјавија дека во никој случај не се за проширување на војната, туку дека овој напад, како и претходниот, е осмислен за да ги принуди членовите на Хезболах да најдат дипломатски решенија за актуелната криза. Претставникот на Стејт департментот го отфрли овој став и изјави дека САД не го поддржуваат.

На прашањето дали Израел подготвува копнена инвазија на Либан, тој одговори дека таквата акција воопшто нема да придонесе за намалување на тензиите.

Вооруженото крило на Хамас објави дека еден од нивните команданти, Махмуд Ал Надер, бил убиен за време на израелските напади во понеделникот. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан