• понеделник, 01 јули 2024

Извештај на ЕК: Добро ниво на подготвеност во делот на науката и истражувањето

Извештај на ЕК: Добро ниво на подготвеност во делот на науката и истражувањето

Скопје, 11 ноември ноември 2023 (МИА) - Северна Македонија има добро ниво на подготвеност во делот на науката и истражувањето. Постигнат е одреден напредок во однос на зајакнување на капацитетите на јавниот и приватниот сектор за истражување и иновации, преку зголемување на буџетот за науката, преку развојот на Стратегијата за паметна специјализација што допрва треба да се усвои и преку континуираното подобрување на земјата во учеството во програмата Хоризонт Европа. 

Сепак, останува да се имплементираат препораките од минатата година, констатира Европската комисија (ЕК) во Извештајот за напредокот на земјава во 2023 година.

За следната година, од ЕК препорачуваат земјата да ги зголеми инвестициите во делот на науката, во согласност со новите приоритети на Европската истражувачка област, и да развие нови мерки за промоција и поголемо учество во Хоризонт Европа. Исто така, земјата треба да ја усвои Стратегијата за паметна специјализација и да почне со развивање на мерки за нејзино спроведување. 

Во Извештајот се вели дека Северна Македонија постигнала одреден напредок во однос на усогласувањето со европските стандарди за истражување и иновации. Буџетот за науката во 2022 и 2023 година е значително зголемен во споредба со 2021 година (приближно од 3,5 милиони евра до 1,3 милиони евра). Сепак, државата издвојува само 0,38 проценти од БДП за истражување и иновации, а слабо е и учеството на приватниот сектор во оваа област, односно само 0,1 проценти од БДП.

Како што се наведува во Извештајот, позитивно е учеството на државата во прграмата Хоризонт Европа, што е рамковна програма на ЕУ за истражување и иновации. Според податоците, во 2022 година државата имала десет проекти во вредност од четири милиони евра, надминувајќи ги перформансите од 2021 година. Но, властите треба да го зајакнат учеството во новата Европска истражувачка област и Европската агенда за иновации.

Во табелата за иновации на ЕУ, Северна Македонија втора година по ред се класифицира како „иноватор во подем“, односно покажува подобри резултати, од 45,6 отсто во 2022 година, до 46,3 отсто во 2023 година. Во 2022 година, Фондот за иновации и технолошки развој издвоил речиси 16,5 милиони евра за поддршка на 98 иновации и истражувања во 209 приватни компании. 

Напорите на Фондот за интензивирање на синергиите меѓу бизнисите и академската заедница треба да продолжат, а приоритет да се стави на зелената и дигиталната транзиција, нотира ЕК.

Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) објави дека во иницијативата за високо образование (EIT higher education initiative) за 2023 година, две високообразовни институции од Северна Македонија се избрани за финансирање како полноправни партнери на големи конзорциуми.

-Стратегијата за паметна специјализација, што претставува стратешки документ за инвестирање, сè уште не е усвоена. Државата треба да обезбеди и заштитна рамка за ефикасно користење на фондовите во делот на истражување и иновации, забележува ЕК. бт/лв/
 

Фото/ МИА Архива

Остани поврзан