Руски воен дрон се урна во источниот дел на Летонија
- Летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс денеска изјави дека руски воен дрон вчера се урнал во источниот дел на Летонија.
Рига, 8 септември 2024 (МИА) – Летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс денеска изјави дека руски воен дрон вчера се урнал во источниот дел на Летонија.
- Истрагата е во тек. Во близок контакт сме со нашите сојузници, напиша Ринкевичс на платформата Х.
Како што истакна, бројот на вакви инциденти се зголемува на источното крило на НАТО и „мора колективно да се справиме со нив“.
Романското Министерство за надворешни работи протестираше претходно денеска, како што рече, поради повреда на воздушниот простор на земјата од руски дрон синоќа. Како што соопшти романското МНР, министерството изразило „силен протест против уште едно нарушување на воздушниот простор“ што можело да се случи за време на нападот на руските дронови врз Украина, јави „Европска Правда“.
Романското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги информирало сојузниците и структурите на НАТО за инцидентот и е во контакт со нив. Романското Министерство за одбрана претходно потврди дека подигнало борбени авиони Ф-16 поради нарушување на воздушниот простор, а исто така трага по остатоци од беспилотно летало што можело да падне на територијата на земјата. Во текот на ноќта предупредување за опасност од воздух добија и жителите на романските погранични области. јт/