• петок, 17 мај 2024

Реконструкција на Соколански парк, кумановци бараат зелени површини

Реконструкција на Соколански парк, кумановци бараат зелени површини

Куманово, 14 ноември 2023 (МИА) - Почна уредувањето на патеките во Соколанскиот парк во Куманово, соопштија денеска надлежните. Реконструкцијата ќе се одложи, бидејќи со новиот план за реконструкција предвидено е да се постави и автоматско наводнување.

- Стариот асфалт е изваден, поставен е нов, има рабници, ќе се уредува и на почетокот. Во новиот план за реконструкција е додадено и наводнување. Ќе биде засадена нова тревна површина. На средина ќе биде поставена нова украсна фонтана со „бенџ“ клупи, нови 25 клупи со мотиви на љубов, зашто Соколанскиот парк е парк на вљубените, изјави претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Следува поставување на нова камен-тепих подлога, изградба на фонтана, канделабри, клупи и корпи за отпадоци, како и изградба на нови спортско-рекреативни содржини и игралишта, детско катче со нови современи содржини со куќички за прием на 60 деца, современа и мека подлога.

За реконструкцијата на Соколанскиот парк и паркинг со спортско игралиште во комплекс на Соколана, како што е наведено на електронскиот систем за јавни набавки, општината од буџетот одвои речиси 13 милиони денари со вклучен данок на додадена вредност.

Во Куманово тековно се реконструира и стариот градски парк, меѓутоа санацијата оди етапно.

-Навистина се одолговлече реконструкцијата на стариот градски парк. И таму се предвидени интересни содржини, има нов асфалт, пешачки патеки, набавена е нова опрема канделабри и клупи. Не се поставуваат зашто ќе се уништат. Ќе чекаме дополнителни средства од Бирото за регионален развој, вели Ѓорѓиевска. 

Во тој парк пак е предвидено велосипедска патека, фитнес зона, кошаркарско игралиште, детски катчиња, дел за миленици.

Ѓорѓиевска вели дека ќе се оспособи нова голема зелена површина во близина на Проевце. Веќе се размислува преку проект да се аплицира за изработка на проект, за адреналински парк.

-Таму има стогодишни дрвја кои треба да се искористат, изјави Ѓорѓиевска.

Кумановци се жалат дека недостигаат зелени површини, но иницијатива за уредување на нивни станбени единици ретко поднесуваат. Досега, како што соопшти Ѓорѓиевска, само две станбени единици поднеле барање за зазеленување на помали површини, за кои општината вложува 80 процени, а месното население 20 отсто. Таа ги пофали станарите на „Сума“ и „Моша Пијаде“ кои самите си го уредија просторот.

Меѓу проектите за зазеленување на поголеми површини се размислува за пошумување на делот кај Пчиња, на барање на месното население.

Општината размислува новоизградените детски катчиња или какви било инвестиции да ги остави на владение на месните заедници, затоа што за само четири дена беа украдени лулашките од новото детско игралиште кај „Октомвриска револуција“. ам/мд/

Остани поврзан