• сабота, 23 ноември 2024

Реализирана првата фаза за уредување на рекреативно-планинарската патека кај месноста Св. Води во Тработивиште

Реализирана првата фаза за уредување на рекреативно-планинарската патека кај месноста Св. Води во Тработивиште
Делчево, 20 март 2023 (МИА) - Во Делчево е реализирана првата фаза од уредувањето на рекреативно-планинарската патека што води до месноста Свети Води во близина на село Тработивиште. Активностите ги спроведоа членови на Планинарскиот-спортски клуб „Голак" кои најпрво ја мапираа патеката.
-Мапирањето беше извршено со ГПС Гармин, а  беа обележани дрвјата на кои треба да бидат поставени знаците со црвено-бела боја по Књефелцовата и Лентовата маркација, според Законот за планинарски патеки и Правилникот на Федерацијата за планинарски спортови. Исто така во рамки на уредувањето на оваа патека треба да бидат поставени и една голема инфо табла, како и девет патокази со столбови, истакна Љупчо Чучуковски, претседател на ПСК „Голак" и лиценциран маркацист кој е задолжен за поставување и уредување на рекреативната патека до „Св.Води". 
 
 
Проектот е финансиран од Општина Делчево и наскоро ќе биде целосно завршен. Со тоа општината ќе добие уште една уредена туристичка понуда.
 -Со реализирање на овој проект месноста Св.Води ќе биде лесна за наоѓање и посета. Има големо значење, бидејќи овде кај трите Свети Води (Св.Богородица Св.Недела и Св.Петка) на планината Средна, научниците тврдат дека се наоѓала испосничката ќелија на светите браќа Кирил и Методиј, каде ја напишале Глаголицата. Тоа се потврдува со научни истражувања и со фактот дека темелите на зградичката која се наоѓа тука се многу стари и со градба од тоа време, како и дека овде малку погоре се наоѓа тогашниот град Равен, додава Чучуковски 
Светите Води се наоѓаат од 725 до 735 метри надморска висина меѓу селата Разловци, Тработивиште и Нов Истевник, а поради големата посетеност од еколошки и други причини, црковниот одбор од село Тработивиште донесе одлука со која се забранува на сите посетители да оставаат облека и други предмети во близина на самите Св.Води. вс/мч/Фото: МИА

Остани поврзан