• понеделник, 23 декември 2024

Реакција на Свештената бигорска Обител: Само петмина ли се виновни?

Реакција на Свештената бигорска Обител: Само петмина ли се виновни?

Дебар, 6 декември 2023 (МИА) - Во деновите што одминаа, нашето општество се помрачи, за жал, и со тешката вест за еден грозоморен духовен мрак. Сите ние разбравме за свирепото убиство на еден повозрасен честит човек и на едно невино јагне Божјо, 14-годишно немоќно девојче. И кој нормален човек би можел да остане рамнодушен на една таква вест, да не се вознемири и згрози од едно такво сатанско дело?! Едноставно, секоја човечка душа се исполнува со горчина и јад поради едно такво ѕвероподобно злосторство. И се разбира, бара одговорност. Бара победа на правдата. Природно му е на човековиот дух да се стреми кон справедливост. Не кон омраза, не кон одмазда, но кон правда. Оти едно од својствата на нашиот Творец е справедливоста. „Справедливоста и правдосудието се основа на престолот Негов“, вели Светото Писмо.

Фото: Целивот на Јуда“ од Џузепе Диоти, 1840 г.

Па така, имајќи го како природно чувството на справедливост, на човека само му се наметнува прашањето: како и зошто се дозволи вакво ужасно нешто? Не само која е причината (ако воопшто може да се најде причина и логика за вакво безумно недело), туку која е и каква е генезата што доведе до тоа? Органите за безбедност и правен прогон на државата потврдија дека главниот сторител на ѕверското злосторство е еден познат и докажан социопат со криминогена патологија, за кого некои медиуми се изразија дека бил некојси „политичар“, „новинар“, „претприемач“, „патриот“ и сл. И токму тука се наметнува најболното прашање, тука пече жегата на сетилото за справедливост. Зошто сме се навикнале на такви злотвори да им допуштаме јавен простор во нашето општество? Зошто толку долго толерираме такви штетници да шират секаков вид омраза, да блујат разни навреди и клевети, да се расфрлаат отворено со разни закани, меѓу кои и со убиства?! Зошто такви декадентни луѓе стануваат обрасци за следба, примери кои ни стануваат идоли? Зошто мораше да се чека да дојде до едно вакво страшно злодело, та да се отрезниме и да почнеме да бараме мерки? И сега, каде да ја бараме одговорноста, зашто токму од таа наметната магла на премолчување и прикривање во целото наше општество што се провлекува со децении, не можеме да ги видиме зраците на справедливоста? Ниту претходните зошто, ниту прашањето за одговорност не треба да ги насочуваме со прст кон никого посебно, туку одговорноста паѓа, повеќе или помалку, врз сите нас. Сите сме одговорни за ерозијата на општеството. Затоа, најдобро е сите да почнеме од поправањето на самите себе. Воедно, отворено ги охрабруваме и институциите и поединците да не се откажуваат од борбата за подобро, побезбедно и поправедно утре, туку да пристапат со вера, дека доколку сме упорни во доброто, тоа неминовно ќе надвладее. Секој може да придонесе, во рамките на своите можности и овластувања, и се разбира, преку правниот, моралниот и етичкиот систем.

Меѓу другото, една од поглавните опсесии на посочениот убиец во текот на последните 2-3 години беше токму и нашиот Старец и духовен татко, Владиката г. Партениј, а преку него и целата наша монашка заедница, како и некои луѓе, наши пријатели, браќа и сестри. Какви ли само, навреди, закани и гадости се изнаслушавме од тој мракоподобен човек и од некои негови приврзаници! Дури и отворени повици за протерување, тепање и бесење.
И преку социјалните мрежи, но и преку лични контакти. Почнавме да се чувствуваме загрозени, небезбедни, да живееме во неизвесност, во агонија. И говоревме, пишувавме, апелиравме да се преземат мерки, за да не дојде до нешто пострашно, но, за жал, нашите повици не беа услишани од нашето општество. Бездруго, ние Христијаните живееме крстоподобно и во смирение. Но има граници, коишто тангирани од законите на општественото уредување, не смеат да бидат надминати. Нам навистина ни паѓа тешко што и сега, при анализите на злоделата на првоосомничениот монструм, не се посочува и страдањето на коешто беа подложени и лица од Црквата, нешто што се спроведувше преку крајно негативната и невистинита кампања, што, меѓу другото, беше поддржана и од странски фактор, добро познат по своите деструктивни иницијативи и потези кои го уриваат напредокот на нашата држава кон подобри услови за живеење. И не е страшното тоа што ние бевме постојана мета на напади. Страшното е што се допушти да настрада една невина девојка во цутот на својата младост. Но тука има и уште едно етичко прашање. Што со оние соработници на тој демонизиран убиец – меѓу кои, за голема жал, има и извесни личности од црковните кругови, кои го поддржуваа во неговата злоба, му доставуваа клеветнички информации, го поттикнува на разни начини да го врши делото сатанско – злословието и омразата? Ќе има ли одговорност и за нив, или едноставно ќе дозволиме и понатаму да се шири канцерот на злобата во нашето општество? Ќе дозволиме ли одговорноста за сиот тој пир на злото да ја понесе само главниот антагонист, а не и тие што нарачуваа напади, што ја потпалуваа атмосферата, што во лукава притаеност мотивираа? Зашто, кога употребната вредност на главниот негативец ќе заврши, тие, нарачателите, подеднакво, ако не и повеќе, искусни во омразата и клеветништвото, ќе се пуштат во својот предаторски лов и ќе се здружат со нов сојузник во злото. Ете, не толку одамна, имавме пример со јавното разобличување на клеветничката и изнудувачка дејност на еден портал, чиј сопственик ги надмина сите граници на пристојност и етика, кога со лаги и инсинуации ги уриваше и сегашноста, иднината и дигнитетот на многу поединци, само за да прибави материјална корист. Државните институции, како што и доликува, постапија и ја исчистија раната, но за жал, инфекцијата остана да тлее, зашто нарачателите на вербалните злосторства до ден денес остануваат несоочени со правдата.

Државата, институциите, интелектуалната маса, разните организации и заедници, впрочем сите ние, треба да изградиме систем кој веднаш ќе ги санкционира и ќе ги отфрла политикантите, шарлатаните, лажните патриоти, клеветниците и сеачите на омраза. Меѓу тие, ќе повториме, има и такви од црковните кругови, коишто, исто така, општеството, државата, народот, а најпрво и самата Црква, треба да ги повикаат на одговорност. Да потсетиме, неколкумина од црковниот клир, како и некои „верници“, активно учествуваа во ширењето на лажен патриотизам и во заканувачките конструкции, полни со лаги и измислици, што се ширеа преку јавните настапи на првоосомничениот во монструозното убиство. Па дури и му помагаа да отвори свои ограноци во некои градови, за преку кампањата за „спасување“ на Црквата да стекне поголема гледаност и повисок политички рејтинг.

Впрочем, крајно време е најпрво секој да тргне од себе – секој од нас да ги затвори портите на своето срце за секаква злоба, злорадост, завист и омраза, оти, додека се наситуваме со клеветите и злоречието против кого-годе, ние стануваме соучесници во убиство на нечија невина душа. Пред сѐ, на чистите детски души.

На нашето општество одамна му треба реформа на вредностите, поточно враќање кон вредностите. Да почнеме отсега, зашто вредни ни се животите на нашите деца и на секој поединец, завршува интегралниот текст на реакцијата на Свештената бигорска Обител. вт/

Фото: Бигорски манастир

 

Остани поврзан