• петок, 28 јуни 2024

Распишана тендерската постапка за доизградба на штипскиот булевар „Партизанска“

Распишана тендерската постапка за доизградба на штипскиот булевар „Партизанска“

Штип, 26 јануари 2024 (МИА) - Општина Штип стартува со реализација на еден од најкапиталните проекти. Распишана е тендерската постапка за избор на најповолниот градежен оператор, кој ќе го доизгради булеварот „Паризанска“ од зградата на Автомото друштвото (АМД) до населбата Баби, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Станува збор за булевар, кој има и статус на регионален пат до соседната Општина Карбинци. Булеварското решение е во должина од еден километар, а како што најави Јорданов, во него е опфатено и дислокација на целата подземна инсталација, односно нова главна водоводна и канализациска мрежа, во должина од еден километар.

-Ова е најкритичната точка и една од најлошите слики во нашиот град, се надевам дека на пролет ќе биде веќе видливо работењето на машините, на активностите коишто ќе се преземат за изградба на овој булевар, а ќе значи поголема безбедност во сообраќајот, урбанизирање на потегот меѓу населбите Осми Ноември и Баби, вели Јорданов.

Посочи дека во изминатите две години направени се неколку обиди за обезбедување на средства за изградба на овој булевар, кој воедно е и регионален пат, едниот обид е преку Јавното претпријатие за државни патишта, а вториот е со издавање на општинската обврзница, но и двата обиди беа неуспешни. Токму поради ова, а во интерес на граѓаните, Јорданов вели дека реализацијата на овој капитален проект ќе се решава со пари од општинскиот буџет, за кого се предвидени околу 2,5 милиони евра.

-Овој капитален проект предвидува булеварско решавање на возилата , на пешаците, потоа третирање на целата подземна инфраструктура, со изместување на главната водоводна линија, главната фекална линија и атмосферски одвод. Исто така морам да кажам дека граѓаните кои на овој потег и времено се сместени ќе мора да бидат дислоцирани од страна на државните институции, од страна на Центарот за социјални грижи, од државата. Затоа што по трасата по којашто ќе поминува булеварот „Партизанска“ се сместени неколку објекти, коишто мора да бидат срушени, за практично да се изгради булеварот „Партизанска“, изјави Јорданов.

Штипскиот градоначалник Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека овој дел од градот и ќе се урбанизира, со реализацијата на овој капитален проект. Очекува и до крајот на годината да се реализира.

-Но, овде нема да застанеме, нашата цел е со средствата од самопридонесот, тоа е практично и во текот на оваа година да ја продолжиме реконструкцијата на подземната инфраструктура и онаму каде што ќе завршува булеварот, да ја реконструираме целата главна ниска зона и дел од главната водоводна линија еден и на тој начин да ја промениме старата инфраструктура, кои се азбестни цевки, а се протега на овој дел од градот, вели Јорданов.

Тендерот е распишан,  се предвидува  во рок од 30 дена да заврши постапката, а градежните активности се очекуваат во текот на пролетта. вдј/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан