• четврток, 07 ноември 2024

Радан Канев: Од европска перспектива, резултатите од изборите во САД не се добри

Радан Канев: Од европска перспектива, резултатите од изборите во САД не се добри

Софија, 6 ноември 2024 (МИА/БТА) - Од европска перспектива, резултатите од изборите во САД не се добри, изјави денеска бугарскиот европратеник од ЕПП/ДБ, Радан Канев, на прес-конференција за бугарските новинари во Брисел.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Тој предвиде дека резултатите ќе значат потешки односи меѓу САД и Европа. „Овие односи не беа лесни ниту за време на администрацијата на Бајден“, додаде истовремено Радан Канев.

„Исходот не е конечен, но во овој момент изгледа апсолутно сигурен, многу поубедлив од очекуваното. Изгледа убедливо во негова корист. Изгледа барем првите две години ќе има исклучително силен мандат на Трамп со мнозинство во Сенатот и речиси сигурно мнозинство во Претставничкиот дом“, рече бугарскиот европратеник.

Според него, Европа ќе мора да се посвети повеќе на својата одбрана - нешто што секако требаше да го направи.

„Европа ќе мора да се погрижи центарот на гравитација на НАТО да се пресели на континентот и да нема чувство дека НАТО е додаток на американската одбранбена моќ“, рече Радан Канев.

Според него, европските земји мора да вложат силни напори да го зачуваат НАТО, Северноатлантската алијанса, бидејќи, според неговите зборови, НАТО не се ЕУ и САД.

„Понудите на Трамп, понудите што му го донесоа гласот на центристите во САД и клучните држави на Северот кои го решија конечниот исход, особено Пенсилванија, претставуваат понуди за брутален економски протекционизам. Предизборните ветувања на Трамп се за многу силни нови протекционистички мерки. вклучително и конкретно во однос на Европа, нови царини меѓу десет и дваесет проценти за различни европски стоки“, коментира бугарскиот европратеник. Тој смета дека Европа треба да размислува и за зајакнување на својот единствен пазар и во поголема мера да ги ориентира своите продукции кон внатрешниот пазар.

„Приоритетите што се појавуваат за Европа како резултат на политичките промени во САД се однесуваат на Бугарија во поголема мера, бидејќи ние сме на источниот фронт на НАТО и ЕУ. Бугарија мора многу брзо да размисли за своите одбранбени способности, за комбинацијата на овие способности со оние на соседните земји - пред се Полска и Романија, кои напорно ја работат оваа работа, за разлика од нас“, додаде Радан Канев.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан