• недела, 22 декември 2024

Работилница под менторство на Лех Мајевски со шест млади филмски автори од европските земји во рамки на Киненова

Работилница под менторство на Лех Мајевски со шест млади филмски автори од европските земји во рамки на Киненова

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) - Под менторство на Лех Мајевски, кој е и член на меѓународното жири на осмото издание на МФФ Киненова, денеска во ЕУ Хаус во Скопје се одржа работилница под наслов „Европски филмски приказни“ со шест млади филмски автори од европските земји.

-Прво правило за пишување сценарио не навестувај што ќе се случи, го уништуваш изненадувањето. Намести ја ситуацијата и оди, тоа е доволно. Ова е кино, не треба многу да се објаснува, вежбајте да ги опишете ликовите на најкраток можен начин. Вие ја гледате личноста, но читателот не ја гледа, значи треба да најдете начин да му ја опишете најефектно што може. Читателите ги забораваат имињата, не користете имиња, тие се апстрактни, користете надимаци. Филмот е конкретен, на пример човекот запалил цигара...нема само да го кажете тоа, покажете каква цигара со акција, не со зборови. Кога опишувате лутина, нека скрши нешто, нека се покаже дека е лут, значи акција, не зборови. Не користете дијалог, туку лица. Најдобрите кадри се оние каде нема дијалог, рече Мајевски на работилницата.

Главната цел на работилницата е да го подобри и дополни образовниот процес на младите филмски професионалци од европските земји, давајќи им можности за добро вмрежување и заедничка работа за градење нови начини за нивните идни професионални кариери.

-Кога ги критикувам сценаријата не сакам да ги навредам авторите, туку да ги протресам, нив им треба малку отрезнување. Кога работев во САД, видов дека сите сакаат да пишуваат сценарија и затоа сметам дека треба да се посочи на недостатоците, раскажа Мајевски.

Како што соопштија од Киненова, целта на оваа работилница е да се создаде можност младите европски филмски автори да изградат однос на доверба меѓу себе, ширејќи го подоцна истиот тој пристап низ нивните локални заедници, преку надминување на сите предрасуди во однос на национални, верски, сексуални или каков било вид друго различно определување.

Проектот е реализиран со поддршка на Европската Унија и Амбасадата на Полска во Скопје и овозможува професионално менторство на филмските сценарија на македонските и европските филмски автори од страна на потврдениот и признат европски сценарист, режисер, директор на фотографија и продуцент Лех Мајевски.бт/цр

Фото/ Киненова

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан