• понеделник, 26 август 2024

Пуштена за сообраќај делницата од булевар „Благоја Тоска“ во Тетово

Пуштена за сообраќај делницата од булевар „Благоја Тоска“ во Тетово

Тетово, 21 јуни 2023 (МИА) - Во Тетово заврши изградбата на продолжението на булеварот „Благоја Тоска“, од болницата преку мост на реката Пена, сѐ до текстилното училиште, а општинското раководство свечено ја пушти делницата во сообраќај.

Оваа делница со децении се очекуваше од граѓаните на Тетово, а пробивањето на трасата со рушење на објекти по процес на експропријација, почна уште во времето на претходното раководство на општината, во јули 2021 година.

Општината, под раководство на сегашниот градоначалник Биљал Касами, го продолжи дел од процесот за експропријација и рушењето на преостанатите куќи што заврши во ноември 2022 година. Потоа следуваше доградбата на инфраструктурата за оваа траса.

- Денес имаме чест да ја промовираме оваа многу важна артерија на патната инфраструктура на Тетово, со што ние ќе ја олесниме комуникацијата - сообраќајот и движењето на нашите граѓани, ова е само дел од проектите што во следните денови ќе бидат промовирани и што се во тек, со што се надеваме дека Тетово ќе биде подобар град за живеење, за сите нас. Се надеваме дека со инвестициите во патната инфраструктура, во подземната инфраструктура, во почист град, во подобар град за живеење за сите нас, дека ќе придонесеме Тетово да биде град во кој ќе сакаме да живееме. Во овој дел со целосен ангажман на општинската администрација, ние конечно успеавме да го реализираме овој пат, затоа им благодарам на сите кои беа вклучени во дело на реализацијата на овој пат, се надеваме дека во иднина ќе реализираме вакви проекти во интерес на граѓаните на Тетово, изјави Касами.

За пуштањето во употреба на делот од булеварот, реагираа советници од ДУИ во Советот на Општина Тетово. Тие го поздравија завршувањето на работите на булеварот „Благоја Тоска“, но, како што рекоа, оваа инвестиција е дел од програмата на Владата.

- Средствата наменети за изградба на карго аеродромот во Штип, некаде 49 милиони евра, од нив 35 милиони, со одлука на Влада беа распределени на 75 општини, за 99 инфраструктурни проекти, и булеварот „Благоја Тоска“, е дел од тој проект, значи одлуката на Владата беше, тие средства поради неизградба на аеродромот, поради економската одговорност, да бидат распределени низ општините. Ние и во дискусиите во општинскиот совет, во прашањето зошто сè уште не е завршен булеварот, додека се градеше булеварот, нели актуелната општинска власт вети дека одма во првата година ќе го завршат, гледаме дека после две години заврши проектот, и тие сами ни рекоа, дека треба да се обратиме до ТАВ зошто е ова одолговлекување на работите. И тие сами ни признаа дека Општината е само надзорник на проектот, ТАВ е тој кој ги инвестира средствата, општината имаше одговорност за експропријација на земјиштето, имотите кои беа во патот, експропријацијата е започната уште од минатата власт, имаше тешкотии со некои куќи, но, конечно тие проблеми се решија, изјави Ветон Мурати од ДУИ. ас/бд/

Фото: Општина Тетово

Остани поврзан