• четврток, 15 август 2024

Протест на климатските активисти на повеќе германски аеродроми

Протест на климатските активисти на повеќе германски аеродроми

Берлин, 15 август 2024 (МИА) – Климатските активисти утрово протестираа на неколку германски аеродроми, поради што некои летови се откажани.

Групата „Последна генерација“ соопшти дека осум активисти утрово во пет часот по локално време почнаа протести на аеродромите во Берлин, Нирнберг, Штутгарт и во Келн барајќи од германската Влада да преговара и да потпише договор до 2030 година глобално да престане да се користи нафта, гас и јаглен.

Летовите беа откажани од аеродромот во Келн откако две лица беа пријавени заглавени на асфалтот, но воздушниот сообраќај набрзо се нормализира. Околу еден час беше во прекин авионскиот сообраќај и на аеродромот во Нирнберг. Додека на аеродромот во Берлин беа приведени две лица кои беа залепени за земјата.

Минатиот месец „Последна генерација“ организираше протести на најпрометните аеродроми во Германија – Келн и Франкфурт, при што значително беше нарушен авиосообраќајот. Претходно овој месец, тие протестираа и во текот на ноќта на аеродромот Лајпциг/Хале, главен центар за товарни авиони, при што авиосообраќајот беше во прекин три часа.

Германската Влада минатиот месец одобри закон со кој ќе се воведат построги казни за лицата кои упаѓаат во аеродромите. Предлог-законот треба да биде претставен пред пратениците, а предвидува затворска казна до две години за лицата кои намерно ќе упаднат во аеродромските зони, како што се пистите и ја загрозат цивилната авијација или ќе му овозможат на некој друг да го стори тоа. Во моментов казните за ваквите постапки се само парични. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан