Проект за дијагностичко тестирање на моторните способности кај учениците во Куманово
- Целта на дијагностицирањето кај учениците е да идентификуваат спортските таленти кај учениците, но и проценка на нивниот здравствен и физички развој. Со планираната стратегија ова тестирање ќе стане редовна пракса која ќе ги подготви идните генерации за поздрав и поактивен живот.

Куманово, 25 февруари 2025 (МИА) - Општинскиот сојуз на училишен спорт на Куманово почна со реализација на проектот „Спорт за сите деца“ кој се однесува на дијагностичко тестирање на моторните способности кај учениците на подрачјето на општината, информираа денеска надлежните од општинскиот сојуз. Целта на дијагностицирањето кај учениците е да идентификуваат спортските таленти кај учениците, но и проценка на нивниот здравствен и физички развој.
Со планираната стратегија ова тестирање ќе стане редовна пракса која ќе ги подготви идните генерации за поздрав и поактивен живот.
-Ќе бидат опфатени сите ученици од шесто до деветто одделение и од средните училишта. Очекуваме до крајот на наредната учебна година да заврши истражувањето. Ги тестираме и мериме нивните параметри, спремноста, издржливоста, флексибилност итн. и ќе ги посочиме. Ќе бидат вклучени професорите по физичко образование, изјави, претседателот на општинскиот сојуз на спортови, Марјан Нојковски.
Професорот по физичко образование Филип Колевски истакнува дека на претходните истражувања имало отстапувања кај македонските ученици, што се должи на физичката неактивност на децата, седењето со телефони, немање игра која ја развива моториката, што резултира и со деформитети, со намалена моторика, брзина, флексибилност.
-На едно тестирање што 2010 година сме последни споредено со државите во Европа. Има тандем настава професор и учителка во нижите одделенија, да видиме дали нешто е променето, изјави Колевски.
Општина Куманово го поддржува проектот и секоја година со општинскиот буџет одвојува повеќе средства за училишниот спорт. ам/мч/
Фото: МИА и Општина Куманово