• петок, 03 јануари 2025

Продолжува бесплатниот превоз за студентите во Скопје, Владата ќе му префрли 120 милиони денари на ЈСП-Скопје

Продолжува бесплатниот превоз за студентите во Скопје, Владата ќе му префрли 120 милиони денари на ЈСП-Скопје

Скопје, 31 декември 2024 (МИА) -  Бесплатениот автобуски превоз за студентите во Скопје ќе продолжи и во 2025 година, откако Владата денеска на седница одлучи да му префрли 120 милиони денари на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП – Скопје обезбедени со релоцирање од буџетот на Министерството за образование и наука. 

Премиерот Христијан Мицкоски, соопштувајќи ја одлуката на Владата, истакна дека решаваат наследен проблем и оти е клучно да се помогне на студентите за кои јавниот превоз е еден од главните трошоци. Треба, смета Мицкоски, да се размисли и за студенти кои користат јавен градски превоз во универзитетските центри Штип, Битола и Тетово исто како за тие во Скопје.

- Во изминатите неколку недели актуелна беше темата за јавниот бесплатен превоз на студентите, имајќи ја во предвид очајната финансиска состојба во ЈСП Скопје и се наметна темата дали тоа воопшто ќе продолжи да работи да функционира и се доведе во прашање самата мерка за бесплатниот превоз на студентите. Станува збор за наследен проект заглавен со многу недоречености и долгови. Дополнително на тоа, свесни за фактот дека студентите се нашата иднина, но и за тоа дека секојдневно се соочуваат со големи предизвици, високи трошоци за школување, сместување и живот, во вакви околности јавиот превоз е еден од главните трошоци за студентите. Затоа Владата на денешната редовна седница одлучи да му префрли 120 милиони денари  на Град Скопје, односно на ЈСП Скопје за да може оваа мерка непречено да се реализира  и следната календарска година, рече Мицкоски, на заедничка прес-конференција со министерката за образование Весна Јаневска.

Претходната Влада, укажа премиерот, три години не обезбедуваше средства за оваа намена и немаше донесено ваква одлука. - Оттука и недовербата која студентите ја имаа кон извршната власт. Ги уверувам, треба да бидат спокојни, затоа што новата Влада ги исполнува ветувањата и обврските кон граѓаните, а токму оваа наша одлука е потврда на тоа. Во изминатите нешто повеќе од 6 месеци имавме редовна и отворена комуникација со младите, со студентите за што повеќе ќе говори министерката. Често дискутиравме за нивните потреби, барања и наталожени предизвици. Бесплатниот јавен превоз ќе им овозможи поголема достапност до образованието и ќе ги ослободи од финансискиот товар, со што тие ќе можат повеќе да се фокусираат на своите студии и личен развој, рече Мицкоски. 

Министерката Јаневска им порача на студентите да не се грижат ниту за превозот ниту за студентските програми бидејќи, како што рече, ресорното Министерство ќе има максимално разбирање за нивните потреби. 

Таа потсети на досегашните мерки за студентите, посочувајќи меѓу останатото дека бруцошите првпат добија студентски оброк како и нивите постари колеги, овозможено им е да учествуваат на конкурсите за постдипломски студии и  на оние кои завршиле тригодишно високо образование, дигитализиран е процесот за пријавување на стипендии...

 - Разговараме интензивно дали ќе се покачи вредноста на студентскиот оброк или ќе го зголемиме опсегот на студенти кои ќе го примаат бидејќи нивното барање е и оние кои работат четири часа а заработуваат многу малку да можат да земаат студентски оброк. Студентите се задоволни бидејќи оваа  година обезбдивме 18 проценти повеќе средства за студентски стандард и продолжуваме понатаму заеднички да работите на законите за студентски и ученички стандард, рече Јаневска.  

На новинарско прашање дали има план за студентите што патуваат за Скопје од друг град, посочи дека тоа би било многу голем и сериозен проект и оти ќе се разговара доколку стаса такво барање.

- Ние оваа година обезбедивме 30 милиони евра повеќе, меѓутоа принципот на кој работи ова е договор со студентите и студентите – организации. Мислам дека тие во моментот имаат поприоритетни прашања за решавање отколку ова што вие го спомнавте. Но, секако тие ве слушнале и веројатно ќе треба и за тоа да поразговараме. Со овие 30 милиони евра плус од минатите години планираме да го доуредиме студентскиот стандард така како што тие бараат за да им се олесни учењето. Да потсетам дека почнавме изградба на студентски домови и оти тоа треба да се дореализира до крај и тие се од тоа презадоволни. Повторувам дека сакаат проширување на опсегот за студентскиот оброк – тоа ќе го направиме, побаруваат дополнителни стипендии, покачување на одредени стипендии за студентите кои се дефицитарен кадар што исто така ќе го направиме после анализата на труд. Значи, поединечно чекор по чекор ги решаваме сите нивни барања, рече министерката за образование.

Како што дополни Мицкоски, треба да се размисли и во рамки на МОН и на Владата за студентите кои користат јавен градски превоз во универзитетските центри Штип, Битола и Тетово исто како за тие во Скопје.

- Можеби не од град во град, туку во рамките на центрите внатре да им се обезбеди доколку  буџетот и можностите дозволуваат. Мислам дека е добар тој предлог, тој дел од предлогот треба да се размисли, наведе Мицкоски.  

Јаневска најави и дека на крајот на следната година ќе продлжат активностите за изградба на зградите за Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство и Факултет за физичко образование, спорт и здравје

- Многу е жално што овие две згради веќе 7-8 години стојат без ништо да се преземе во врска со нив, па дури ни да се заштити тоа што веќе беше изградено. Да, изградбата на овие две згради ќе почне кон крајот на 2025 година. Во овој момент правиме сериозни анализи, евентуално за оштетувањето потребно е да се направат препланирања на просторот, голем проблем кој треба да се реши е греењето, она што е предвидено не е соодветно. Секако планираме и измена на фасадата, рече Јаневска. ра/лв/

фото:МИА, Влада, принтскрин

Остани поврзан