• среда, 03 јули 2024

Програмата „Туризам за сите“ на грчката Влада продолжена и оваа година

Програмата „Туризам за сите“ на грчката Влада продолжена и оваа година
Атина, 2 јуни 2021 (МИА) – Програмата на грчката Влада „Туризам за сите“ во висина од 100 милиони евра воведена лани за поддршка на домашниот туризам, продолжена е и оваа година, како за неискористените ваучери, така и за доделување нови, јави дописничката на МИА од Атина. Како што соопштија од Министерството за туризам на Грција, преку иницијативите на заменик-министерката Софиа Захараки, оваа година програмата е подобрена и во следниот период ќе се отвори платформата за пријавување на уште 100.000 граѓани. Захараки рече дека промоцијата и зајакнувањето на домашниот туризам е од особено стратешко значење, а целта е да се „поттикне и обнови туристичкиот интерес и расположението на граѓаните за патување во внатрешноста на земјата“. Буџетот на програмата воведена лани е 100 милиони евра, односно 365.603 ваучери за 600.000 Грци и се однесува на финансиска поддршка за сместување, но во одредени случаи и за туристички услуги како што се превоз, посета на музеи, нуркање и сл, а имаат право да се пријават физички лица со годишни примања до 16.000 евра или 28.000 доколку станува збор за семејства. Предвидено е со ваучерите да се покрие одмор до четири ноќевања, односно доколку станува збор за две или три ноќевања до 40 евра по лице на ден, тогаш со ваучерот целосно се покриваат трошоците. За четири ноќевања до најмногу 30 евра дневно, ваучерот покрива 80 отсто од трошоците. Ваучерите може да се искористат до крајот на годинава. ср/сд/

Остани поврзан