• петок, 22 ноември 2024

Прилеп е подготвен за карневалот „Прочка 2024“, се очекуваат околу 500 учесници

Прилеп е подготвен за карневалот „Прочка 2024“, се очекуваат околу 500 учесници

Прилеп, 15 март 2024 (МИА) - Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска ќе биде отворена традиционалната изложба на маски што ги изработија основните и средните училишта во градот. Со изложбата почнуваат и свеченостите за годинашниов прилепски карневал „Прочка 2024“. Организатори на Карневалот се прилепската локална самоуправа и здружението „Прилепски мечкари“. На изложбата ќе бидат прогласени и наградени најдобрите поединечни и групно изработени маски.

Карневалските свечености продолжуваат и утре, сабота.

Во центарот на Прилеп, на платото кај Градскиот саат здружението на жени „Преродба“ ќе го претстави обичајот за „Велики поклади- Прочка“, „Амкање“. Обичајот ќе биде изведен во автентичен амбиент, привлечен за минувачите, кои во тој период ги има многу, како прилепчани, така и гости, а настанот ќе биде збогатен со настап на младите уметници Марко и Антонио, дел од етно составот „Пиреј“. Во текот на денот во Старата прилепска чаршија ќе продефилираат мечкарите кои ќе ги канат касапите и занаетчиите на карневалот и на посниот ручек – грав, в понеделник.

В недела напладне, на Прочка, во центарот на Прилеп е главното карневалско дефиле на маските кое ќе го предводи автентичната, од министерството закултура порогласена за нематеријално културно наследство, маската – Прилепски мечкари.

На Карневалот се очекуваат околу 500 учесници со поединечни и групни маски, а стручно жири ќе ги прогласи најдобрите. Поканети се учесници и од речиси сите краишта на Македонија.

Поради Карневалот, угостителските објекти во викендот ќе имаат продолжено работно време. Поканети се сите фотографи да учествуваат зашто ќе бидат наградени и најдобрите фотографии од карневалот „Прочка 2024“.

В понеделник, здружението „Прилепски мечкари“, ги поканува сите гости и посетители на заеднички посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп со што се заоркужуваат карневалските свечености. ем/цр

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан