• петок, 27 септември 2024

Прилепскиот дневен Центар за лица со церебрала парализа одбележа шест години од отворањето

Прилепскиот дневен Центар за лица со церебрала парализа одбележа шест години од отворањето

Прилеп, 19 септември 2024 (МИА) - Со пригодна програма и презентација на резултати во развојот пригодно беа одбележани шест години од отворањето на дневниот Центар за лица со церебрална парализа во Прилеп.

Услугите за психофизички развој во Центарот ги користат 13 лица и наскоро треба да биде прифатено уште едно лице, со што ќе бидат задоволени потребите во градот. Работата на Центарот заеднички ја координираат прилепската локална самоуправа и меѓуопштинскиот Центар за социјални работи.

- Центарот не е само место за рехабилитација, тој е место каде се подаруваат внимание, љубов и на сите корисници им овозможуваат нормален, квалитетен пристап до социјалниот живот. Локалната самоуправа донираше и еден вертикализатор кој ќе му биде потребен на Центарот и се надеваме дека понатаму и локалната самоуправа и општествено одговорните компании ќе може да донираат други средства за развој на штитениците, рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Во дневниот центар работат физиотерапевт, медицинска сестра, а ангажирани се и две лица со попречености кои им помагаат во активностите на штитениците. Неопходно е што побрзо да се реши прашањето со дефектолог.

- На Центарот итно му е потребен дефектолог.Очекуваме што поскоро тоа да се реши а воедно ќе се прими и уште еден штитеник со што ќе се задоволат потребите, рече Зоран Малкоски, в.д. директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Прилеп.

Медицинската сестра Милена Гареска вели дека има психофизички развој на штитениците.

- Веќе шест години успешно функционираме. Успесите се видливи. Има и психички и физички развој кај децата. Посебно внимание се посветува на физикалната терапија, имаме посебна соба за тоа каде физиотерапевтот ги прави вежбите со штитениците, а имаме и сензорна соба во која успешно се работи, рече Гареска.

И волонтерите со задоволство помагаат во Центарот. Меѓу нив е и пензионираниот професор по физичко Трајче Зулјамоски.

-Работам со штитеници физички активности. Некои, и во дневниот центар „Ѕуница“ прво не може да се движат, сега е остварен голем напредок. Кај доброволната работа најевидентно е дека се работи само од љубов и желба да се помогне, вели Трајче Зулјамоски. ем/цр

Фото: МИА архива

Остани поврзан