• сабота, 29 јуни 2024

Приведени активисти поради гаѓање со јајца на муралот на Ратко Младиќ во Белград

Приведени активисти поради гаѓање со јајца на муралот на Ратко Младиќ во Белград
Белград, 9 номеври 2021 (МИА) - Полицијата во цивилна облека ја уапси активистката за човекови права Аида Чоровиќ откако фрли неколку јајца на муралот на Ратко Младиќ на аголот кај улиците Његошева и Алекса Ненадовиќ во Белград, изјави за ФоНет еден од активистите на невладините организации кои сакаа да го пребојат муралот, но полицијата го забрани тој собир. Униформираните полицајци не реагираа на реакцијата на граѓаните, кои побараа од нив да интервенираат. По апсењето на Чоровиќ, полицијата ја приведе и активистката Јелена Јаќимовиќ, јавува порталот Нова.рс. - Откако фрлија јајца на муралот на Ратко Младиќ, 10 неуниформирани лица им пријдоа и скокнаа врз нив. Аида ја влечеја, ја стискаа, најмалку пет лица и и ги свиткаа рацете. Ваква агресија немам видено во 15-те години колку што се занимавам со новинарство, изјави за порталот Нова.рс новинарката на Данас и една од очевидците Јелена Диковиќ. Пред инцидентот, Аида Чоровиќ влегла во блискиот маркет и купила пакување јајца, а потоа се приближи до муралот и го гаѓаше. Како што јави дописникот на МИА од Белград, денеска на светскиот ден на борбата против фашизмот и антисемитизмот, во Сремска Каменица еден од муралите на Младиќ е префарбан во црно, додека другиот мурал во Белград го чуваше полицијата. Ратко Младиќ е поранешен командант на Војската на Република Српска за време на воениот конфликт во БиХ, а во моентот е затвореник во Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија во Хаг. Иницијатива за младински човекови права пред неколку дена најави дека ќе го пребои муралот посветен на Ратко Младиќ, по што Министерството за внатрешни работи ја забрани акцијата. Според зборовите на министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, собирот е забранет поради безбедносен ризик, а од Иницијативата тврдат дека државата и овојпат ги штити и брани воените злосторници. об/ми/

Остани поврзан