• петок, 22 ноември 2024

Претставата „Алиса во земјата на стравовите“ на Југословенското драмско позориште од Белград за затворање на „Охридско лето“

Претставата „Алиса во земјата на стравовите“ на Југословенското драмско позориште од Белград за затворање на „Охридско лето“

Охрид, 20 август 2024 (МИА) – Со изведба на претставата „Алиса во земјата на стравовите“ во режисерска поставка на Александар Поповски и актерската екипа на Југословенското драмско позориште од Белград вечерва на Античкиот театар ќе биде спуштена завесата на годинешното 64 издание на Фестивалот „Охридско лето“.

Претставата „Алиса во земјата на стравовите“ е комплексно театарко парче, текст што говори за стравовите што ги носи минливоста, за времето што несопириливо гази, што се помалку го има...

- Тоа е едно патување низ потсвеста на млада девојка, која се соочува со премрежјата на животот, трагичноста во животот на младите луѓе чија успешност се мери со годините...Ние децата ги учиме дека нема време, го скратуваме нивното време. Мислам дека тој феномен на притисокот за времето е интересна тема во овој свет во кој живеме. Ако успееме, а верувам дека е така, да ја раскажеме, да ја доловиме таа тема за растегливоста на времето е најубавата работа, рече режисерот Поповски на денешната прес-конференција свикана по повод вечерашната претстава.

Актерката Слобода Миќаловиќ што ја толкува кралицата во претставата рече дека оваа улога лично за неа отворила нови видици како глумица и генерално кога станува збор за театарот вооопшто...

- Во театарот често ние глумците сами си создаваме некакви бариери, очекувања од нас, од режисерите...Александар тука успеа да ги урне тие бариери, убедувајќи не дека се она што сме го учеле на академијата, што е лик, може, но не мора...Кога ни рече да скокнеме во тој бунар и да пливаме, и бидете сигурни дека јас ве чекам долу и ништо страшно не може да ви се случи, тоа многу ми помогна и таа мантра секогаш ја изговарам пред секоја прва проба, прв кадар, тоа мене лино ми е значајно на повеќе нивоа, рече таа.

За ликот што го толкува рече дека тоа е суровата страна на приказната, лик што не може да ја прифати минливоста, не може да поднесе некој да го заземе нејзиното место, наместо да го расчистува патот за младите, напротив, таа фрла трње, оган, камење...

- Навистина поставува големи искушенија, големи препреки, но тоа се е извонредно спаковано од страна на режисерот, на боженствен, особен начин. Тука има многу хумор, а кога е погледнете подлабоко тоа е навистина сурово... истакна таа.

Младата актерка Милена Радуловиќ која ја толкува главната улога на Алиса во претставата, од своја страна посочи дека темата е мошне интересна и актуелна, оттаму што говори за судбина на млада жена во сегашното време и искушенијата пред кои се наоѓа.

- Сето тоа во време кога ни е наметнато како да мораме да бидеме се и тоа до 35-тата година. И успешни жени, и да се оствариме како мајки, и да се реализираме како деловни жени, целосно да ги дефинираме некаквите свои идеали...Тој период до 35-тата година секако е полн со разочарувања, наместнува ситуации што се далеку од идеализираните...Како минува времето што ја играм претставата, согледувам дека работите не се баш онакви како што сме ги замислиле, се повеќе наоѓам паралели во вистината и овој текст и со ликот што го толкувам, рече таа.

За Милан Мариќ денешницата наликува на време кога уметноста како да не игра никаква улога, кога времето како да не сака такви луѓе, време што ги офрла идеалите на уметноста за верба во слободата...

- Обидот да се самопрепознае, човекот да се снајде во такво лудо време е секако предизвик, да се издржи таа промена на времето што не меле и да се преживее во тоа лудо време, тоа е универзалноста на приказната, тоа е приказна на секој од нас. Се надевам дека тоа ќе успееме да го пренесеме на публиката вечерва, рече тој.

Мариќ рече дека посебно е инспириран што како актер е првпат во Охрид и ќе има можност да игра на таква сцена каква што е Античкиот театар, место што повеќе од 20 века стои во одбрана на театарот.

- Тоа е спектакл сам по себе. Вчера на пробата режисерот нам ни рече дека имате се, дека се случува некаква магија. Имаше ситуација вчера кога кога доаѓа таа љубовна сцена, одненадеш над Античкиот се појавува полна месечина...Тоа не може да се изрежира внатре во театарот, како наеднаш да добивате некое над ниво...Затоа театарот преживеал 2500 години и секакви времиња, и така ќе биде и овојпат, рече Мариќ.

Директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, ја искористи можноста на затворањето на фестивалот да посочи на податокот дека ова фестивалско издание го бележи зголемен интерес на публиката за понудените содржини, потврдена со значајна исполнетост на сцените и настаните.

- Со голема одговорност, но и обврска максимално се вложивме да бидеме добри домаќини на над 800 врвни уметници и докажани театарски куќи од 24 земји. Гледалиштата на Античкиот театар, црквата Св.Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, и Центарот за култура беа исполнети до последно место а тоа ни дава за право да кажеме дека понудивме квалитет со кој го оправдавме епитетот на препознатлив и единствен Фестивал. За повеќето настани се бараше карта повеќе, а бележиме и рекордна посетеност на странската публика, рече таа.

Беше истакнато дека Фестивалот „Охридско лето“  како дел од Европската фестивалска асоцијација ќе продолжи да ги негува високите културни вредности за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал, врвна манифестација што повеќе од половина век е собиралиште на најпознатите уметници и врвните театарски куќи, манифестација со високи критериуми и богата традиција. аб/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан