• понеделник, 01 јули 2024

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја, Бае Џонгин

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја, Бае Џонгин

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Бае Џонгин, новоименуваниот амбасадор на Република Кореја во Република Северна Македонија.

Во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски истакна дека со воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година, пред двете пријателски земји се отворија значајни можности за унапредување на соработката во сите области од заеднички интерес и притоа го потенцираше нашиот интерес за јакнење на економските врски, но и соработката во областа на културата, образованието, науката, туризмот.

Претседателот посочил дека денес, Република Северна Македонија и Република Кореја споделуваат и се залагаат за исти вредности на демократијата и функционалниот мултилатерализам.

Тој посочил дека вреднувањето на човековите права и слободи, мирот и стабилноста, се вредности коишто се длабоко врежани во колективната меморија на нашите народи и додаде дека тоа создава одлични основи за натамошно продлабочување на врските, без оглед на географската оддалеченост на двете држави.

Амбасадорот на Република Кореја, Бае Џонгин во своето обраќање нагласил дека заедничката посветеност на демократските вредности претставува цврста основа за проширување на соработката меѓу двете држави и изрази надеж за зајакнување на економските врски во областа на трговијата, инвестициите, автомобилската индустрија, енергијата и напредната технологија.

-Амбасадорот Џонгин рече дека првични чекори се веќе преземени, а како пример го наведе заедничкиот проект меѓу царинските служби и притоа изрази надеж за спроведување слични проекти следната година, користејќи ги како отскочна штица за унапредување на односите.  Тој рече дека зголемен акцент ќе стави и на промовирањето на корејската култура во Република Северна Македонија и го најави отворањето на Почесен конзулат на Република Кореја во Скопје, за кој рече дека ќе има клучна улога во зајакнувањето на билатералните односи, соопшти кабинетот на шефот на државата.

Претседателот Пендаровски на амбасадорот Џонгин му посакал успех во извршувањето на одговорната мисија и изрази увереност дека во вршењето на неговите дипломатски должности ќе ужива целосна поддршка од нашите државни институции. дма/ац/

Фото:  Кабинет на Претседател на РСМ

Остани поврзан