• петок, 22 ноември 2024

Предлог-извештај на ЕК: Северна Македонија треба да го интензивира темпото на реформи и да ги комплетира уставните измени 

Предлог-извештај на ЕК: Северна Македонија треба да го интензивира темпото на реформи и да ги комплетира уставните измени 

Брисел, 30 октомври 2024 (МИА) - Северна Македонија преставува добар пример за изградба на мултиетничко општество, но земјата мора да ја зајакне довербата во правосудниот систем, да го интензивира темпото на реформите поврзани со ЕУ, како и да ја исполни преземената обврска за комплетирање на уставните измени. 

Ова се едни од главните пораки содржани во Предлог-извештајот за напредокот на земјава на патот кон ЕУ од „Пакетот за проширување“ на Европската комисија, што официјално треба да биде усвоен денеска и објавен попладнево. 

Покрај усвојувањето на уставните измени во Извештајот се нагласува потребата од „спроведување со добра волја“ на билатералните договори со соседните земји, односно на Договорот од Преспа и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. 

Во документот се повикува и на интензивирање и на темпото на реформи поврзани со приближувањето кон ЕУ, пред се на зајакнување на владеењето на правото, зголемување на довербата во правосудниот систем, како и на спроведување на истрагите, гонењето и конечното завршување на долготрајните судски процеси поврзани со „лица од висок профил“. 

- Северна Македонија треба да продолжи со спроведувањето на реформите поврзани со зачленувањето во ЕУ, пред се оние од Кластерот „Основни вредности“, како судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, се вели во Предлог-извештајот. 

Во делот на пристапниот процес на земјава се потсетува дека првата Меѓувладина конференција ЕУ-Северна Македонија, со што беше означен официјален старт на преговорите за членство, се одржа во јули 2022 година, а скрининг процесот по сите шест кластери заврши во декември 2023 година.  

- Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг извештајот за Кластерот „Основни вредности“, вклучително и во однос на патоказите на земјата во согласност со Преговарачката рамка, со цел да се отвори првиот кластер што е можно поскоро, кога ќе се исполнат релевантните услови, се наведува во Предлог-извештајот на ЕК за земјава. сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан