• петок, 22 ноември 2024

Праисториски град во денешна Саудиска Арабија ги открива своите тајни

Праисториски град во денешна Саудиска Арабија ги открива своите тајни

Ријад, 31 октомври 2024 (МИА) - Новопронајден град стар околу 4.400 години во денешна Саудиска Арабија открива како животот во третото илјадалетие п.н.е. полека се менувал од номадски во урбан, градски живот, објаснуваат археолозите.

Науката порано сметала дека таа област тогаш била пустина и пустелија низ којашто минувале сточари-преселници, преполна со гробници. Сепак, пред 15 години, кога археолозите откриле бедеми од бронзеното доба во оазата Тајма, северно од Хајбар. Остатоците од градот наречен Ал-Натах, долго време биле неоткриени во заградената оаза - зелена и плодна „точка“ опкружена со пустина во северозападниот дел на Арапскиот Полуостров. На наоѓалиштето првично е откриен антички ѕид долг 14,5 километри, според истражувањето предводено од францускиот археолог Гијом Шарло, објавено претходно оваа година.

Со новите наоди објавени во списанието „ПЛОС уан“ (PLOS One), француско-саудиски тим истражувачи обезбеди „доказ дека овие бедеми се подигнати околу живеалиштата“, како што тврди Шарло.

- Ова „прво големо откритие“ ги поттикна научниците поблиску да ги разгледаат овие оази, вели Шарло... Големиот град имал до 500 жители, а бил изграден околу 2400 г. п.н.е. во раното бронзено време, велат истражувачите. Бил напуштен околу илјада години подоцна - не се знае зошто, изјави археологот.

Ал-Натах е уште еден од низата градови што се развивале во областа Левант долж Средоземното Море, денес од Сирија до Јордан. Но, опстојувал истовремено и со цивилизациите во Месопотамија и Египет, иако бил помал град. 

Црните вулкански базалт-карпи и премногу добро ги сокриле ѕидовите на Ал-Натах, така што го заштитиле местото и од недозволиви ископувања, се наведува. Но, погледот од горе открива патеки и темели на куќи, што укажува на нови насоки за ископувањата на археолозите.

- Тие најдоа темели доволно силни за лесно да поддржат барем еднокатни или двокатни згради... Сепак, следи уште многу работа за да се разбере ова место, рече Шарло.

Гробниците во тамошната некропола содржат метално оружје - секири и ками, како и обработени камења. Тоа укажува на релативно напредно општество, а парчињата ќерамика се признак на релативно егалитарна заедница.

- Но, во овие огромни пространства на пустина, се чини, имало друг пат до урбанизација на таквите градови-држави - поскромна, многу побавна и сосем специфична за северозападна Арабија, додаде Шарло.

Висината на бедемот, којашто може да достигне околу пет метри, посочува дека Ал-Натах бил седиште на помоќна власт или првобитна држава.

Утврдените оази можеби биле во контакт една со друга во таа област што сè уште во голема мера населена со скитачко-сточарски племиња. Ваквата поврзаност и размени можеби ги поставиле дури и темелите за „патот на темјанот“ којшто бил главната трговска врска за зачини, темјан и смирна од јужна Арабија до Средоземноморјето.  си/рп/

Фото: „ПЛОС уан“, фотоисечок

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан