• недела, 22 декември 2024

По две недели повторно смет на веќе исчистената „дива“ депонија кај кумановската населба Перо Чичо

По две недели повторно смет на веќе исчистената „дива“ депонија кај кумановската населба Перо Чичо
Куманово, 14 октомври 2022 (МИА) - Екипите на „Чистота и Зеленило“ повторно со механизација ја чистеа дивата депонија на влезот од кумановската населба „Перо Чичо“, соопштија денеска од Јавното претпријатие. Само пред две недели беше исчистена оваа локација и беа изнесени неколку камиони смет, при што еден од нив има капацитет од 20 тони. И покрај апелите на надлежните, резултати скоро и да нема.
Граѓаните секојдневно реагираат за оваа депонија која често гори го загадува воздухот и од каде се шири непријатна миризба. Екипите на претпријатието ја чистата депонијата редовно, но резултати скоро и да нема. По неколку дена на оваа локација се создава нова депонија, најчесто шут. Претходно, реагираа пожарникарите кои во текот на летниот период гасеа пожар на оваа депонија речиси секој ден, понекогаш и во дневните и во ноќните часови.
-Пред точно 14 дена беше исчистена дивата депонија. Денеска сликата беше иста, несовесните граѓани продолжуваат сметот да го депонираат таму, нашите екипи повторно ја исчистија со надеж дека ќе проработи свеста кај овие несовесните граѓани, велат од „Чистота и Зеленило“. Јавното претпријатие почна со акциски расчистувања на „дивите“ депонии во руралните средини. Според проценките на претпријатието во градот и околината има над десетина поголеми и 40-тина помали депонии. Екологистите и граѓаните предлагаат состојбата на оваа депонија темелно да се согледа, бидејќи според нив решение, има и не вклучува постојано трошење на ресурси на проблем кој се повторува. Екологистите претходно прдложија да се формира специјална бригада која ќе оперира на подрачјето покрај речното корито, редовно изнесување на смет, неколку пати во неделата и поставување на големи садови покрај течението на реката. Во меѓувреме од општината информираа дека продолжува расчистивањето на речното корито на Кумановка, иако за неколку дена на веќе исчистените локации несовесни кумановци фрлаат смет во реката. ам/дма/

Остани поврзан