• петок, 23 август 2024

Почнува „Џојфест“

Почнува „Џојфест“

Крива Паланка, 23 август 2024 (МИА) - На градскиот плоштад во Крива Паланка вечер започнува единаесеттото издание на музичкиот фестивал „Џојфест" кој ќе трае два дена, со бројни македонски музички изведувачи и изведувачи од Балканот, настап на Суперхикс и македонската музичка дива Калиопи.

Од 20 часот вечер на градскиот плоштад во Крива Паланка настапуваат „Суперхикс“ и „Конкверинг лајон“, додека утревечер, 24 август, фестивлот го отвораат „Кисити“, подоцна на програмата се „Парампарчад“, црногорците „Бубњеви и пси“, а главна ѕвезда на вечерта е Калиопи, чијшто настап се очекува да донесе бројна публика во "Градот на културата за 2024".

Калиопи деновиве на социјалните профили во видео објава најави незаборавна вечер за публиката.

Организаторите, здружението за културни и уметнички дејности „Џојфест" упатија благодарност до Министерството за култура на Република Северна Македонија и „Булмак 2016" за финансиската поддршка и логистичката поддршка од Општина Крива Паланка и најавија одлична забава за сите присутни, поканувајќи ги љубителите на добра музика да присуствуваат на големиот музички фестивал кој редовно собира многу илјадна публика од државата и регионот.

Општина Крива Паланка во пресрет на сите настани од културата, тековната манифестација „Шопско село" што ќе трае до недела и програмата по повод празникот на градот, Успение на Пресвета Богородица,28 август и патрон-светецот Јоаким Осоговски, 29 август, превзема дополнителни мерки за непречено одвивање на сообраќајот и паркирањето, во услови на зголемен прилив на возила, учесници и посетители.

Предвидени се шест зони за бесплатно паркирање: зад петте згради кај населба Единство, кај градскиот пазар, просторот кај автобуска станица, кај Спортски комплекс, реон на мотел "Македонија" и тротоарска површина покрај магистралата А2.
На сите паркинг места ќе има редарска и паркинг служба за безбедно паркирање.

-Се молат сите граѓани, учесници и посетители да се придржуваат на дадените упатства за да се обезбеди ред и непречено одвивање на сообраќајот за празничните и фестивалски денови, нагласија од општината.

Остани поврзан