• петок, 22 ноември 2024

Свечена седница на Советот по повод Денот на ослободувањето на Берово

Свечена седница на Советот по повод Денот на ослободувањето на Берово

Берово, 23 август 2024 (МИА) - Со положување на свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци во НОВ во близина на ОЈУДГ „23 Август“ и краток осврт за делото на паднатите борци, денеска, во Берово се празнува 23 август, Денот на ослободувањето на градот и се одбележуваат 80 години од неговото ослободување.

Делегации од политичкиот и јавниот живот меѓу кои и министерот за локална самоуправа Златко Перински положија цвеќе и се поклонија пред спомен плочата, во знак на висока почит кон нашите херои и борци, кои ни овозможија слободно да живееме и да ја градиме и негуваме нашата држава.

Одбележувањето на денот, продолжи со традиционалната свечена седница на Советот на општина Берово, која ја водеше претседателката на Совет на Општина Берово, Марија Буровска.

Пред присутните свое обраќање имаше градоначалникот Звонко Пекевски кој, честитајќи им го денот на граѓаните, повика заеднички сите да продолжат да работат за развојот на градот преку реализацијата на уште многу успешни проекти за Берово.

Во чест на 80 годишнината од ослободувањето на Берово на свечената седница беше пуштена видеопрезентација со осврт кон славното минато и културно-историскиот развој на градот.

- Доделив благодарници и плакети на поединци кои придонесуваат кон континуиран раст и развој на општината, а беа доделени решенија за парични награди и пофалници на учениците кои се прогласени за Ученик на генерација од основните и средното училиште во Берово, истакна Пекевски.

Во чест на денот на општина Берово, 23 август, со изведба на Македонска чалгија настапи Влатко Терзиски, професионален инструменталист, кој на присутните им ја долови магијата на кларинетот и други инструменти одбележувајќи, 40 годишен јубилеј од неговата музичка кариера, за првпат настапувајќи на осумдесет годишнината од ослободувањето на неговиот роден град Берово.

По завршувањето на свечената седница беше претставена изложбата на копаничарски дела и црковни елементи од Ванчо Чаушовски и Блаже Буровски како и изложбата на уметнички дела од ликовен конкурс „Берово, мојот роден крај“. вс/ир

Фото: МИА

Остани поврзан