• сабота, 23 ноември 2024

Почна уредувањето на малиот градски плоштад во Куманово

Почна уредувањето на малиот градски плоштад во Куманово

Куманово, 25 септември 2023 (МИА) - Почна уредувањето на малиот градски плоштад во Куманово. Поставена е заштитна ограда и пешаците ќе мора да ја одбегнуваат зоната при изведување на градежни активности.

Ова е прва фаза од почетокот на спојувањето на големиот и малиот градски плоштад во Куманово, при што е предвидено дел од улицата да биде затворена за сообраќај и воведување на пешачка зона, информираа претходно за МИА од секторот за урбанизам од општина Куманово.

Општината ја добила потребната согласност од Министерството за внатрешни работи за измена на сообраќајниот режим.

-Реконструкцијата ќе опфати замена на подлогата, на урбаната опрема канделабри, клупи, жардиниери, осветлување, акцент ќе се стави на спомениците. Улицата која ги двои двата плоштада и која во моментов се користи за сообраќај ќе се менува, ќе биде поставена подлога за да се добие целина со зоната на малиот плоштад, изјави раководителката на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска.

Според електронскиот систем за јавни набавки за реконструкција на плоштадот избрана е скопската фирма „Ленди груп дооел“, а општината од буџетот ќе одвои 47.599.999,94 денари.

Според анкетата 75 проценти од кумановци се изјаснија за пешачка зона во овој централен дел на Куманово. ам/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан