• вторник, 05 ноември 2024

Почна судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски

Почна судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски

Скопје, 20 септември 2024 (МИА) – Во Основниот кривичен суд Скопје почна судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На обвинителна клупа седнаа  првоосомничениот Љупчо Палевски, како и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Судот на почетокот на денешното судење не го прифати предлогот на Обвинителството за исклучување на јавноста.

Зорица Ѓорчевска, мајка на убиеното девојче Вања Ѓорчевска преку нејзиниот полномошник поднела барање до Обвинителството јавноста да биде исклучена од цела јавна расправа за судењето за убиството на девојчето и велешанецот. Причините кои ги навела мајката се заштита на приватниот живот и траумите кои ги доживеала таа и нејзината помала ќерка од медиумското известување.

Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје месецов донесе одлука за спојување на постапките на обвинетите, откако Основното јавно обвинителство најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено. ра/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан