Почна одбележувањето на 80-годишниот јубилеј од ослободувањето на Тетово
- Од денеска во Тетово почнаа да се одржуваат повеќе активности и настани во пресрет на 80 години од историскиот 19 ноември 1944 година кога е ослободен градот.
Тетово, 2 ноември 2024 (МИА) - Од денеска во Тетово почнаа да се одржуваат повеќе активности и настани во пресрет на 80 години од историскиот 19 ноември 1944 година кога е ослободен градот.
Организацискиот одбор при Сојузот на борците од НОБ и граѓаните продолжувачи Тетово организира над 20 тематски настани како и централна свеченост на која традиционално се даваат награди за особен придонес за афирмирација на градот.
Денеска се одржа активноста насловена „Моето Тетово - Слободен град“ на која учествуваа ученици од основните тетовски училишта.
-Имавме рецитирање на 46 поетски творби од ученици од сите шест основни училишта во Тетово, како и четири презентации со историски моменти поврзани со ослободувањето на градот. Тематиката на поетските творби и историските презентации беше „Мојот град - Слободно Тетово“, информираше Лилјана Симовска од одборот за одбележување „80 години слободно Тетово“.
Најдобрите три поетски творби и историски презентации ќе бидат наградени на 19 Ноември - Денот на ослободување на Тетово.
Во рамки на тематските настани, вечер првпат во родниот град Тетово изложба ќе има Добре Грнчароски, уметник кој повеќе децении живее и работи во Пула, Хрватска.
По повод 80 години ослободување на Тетово, планинарска тура насловена „По трагите на тетовскиот партизански одред“ утре организираат Планинарскиот клуб Љуботен и Националниот парк Шар Планина. ас/хс/
Фото: МИА