• недела, 26 јули 2026

Почна изградба на пешачка патека покрај кејот на Крива Река

Почна изградба на пешачка патека покрај кејот на Крива Река

Крива Паланка, 10 јули 2026 (МИА) - Во Крива Паланка почнаа градежните активности за уредување на нова пешачка патека покрај кејскиот ѕид на Крива Река, на потегот од автобуската станица до вливот на Дурачка Река. Проектот е со вкупна вредност од четири милиони денари, инвестиција од буџетот на општината.

- Секој проект има своја приказна, но најважната е онаа што ќе ја живеат граѓаните. Кога идејата станува реалност, тогаш резултатите се најдобар показател за посветената работа и вложениот труд за развојот на нашиот град, истакна градоначалникот Сашко Митовски кој изврши увид во почетокот на активностите на терен.

Митовски истакна дека ова е уште еден проект насочен кон подобрување на јавниот простор и создавање поквалитетни услови за секојдневно живеење на граѓаните.

Пешачката патека ќе биде со должина од околу 400 метри, а во рамки на проектот ќе се уреди и оплемени просторот кај самиот влив на Дурачка Река во Крива Река, со што овој дел од градот ќе добие нова функционална димензија и урбан изглед.

Изведувач на градежните работи е ДПГТТУ „ЕУРО-ШАРИ“ ДООЕЛ.

- Општина Крива Паланка продолжува со реализација на проекти што носат видливи резултати и го менуваат изгледот на градот, затоа што развојот не се мери само со планирани активности, туку пред сè со реализирани дела кои остануваат за граѓаните, додаде Митовски.иб/са/

Фото: Општина Крива Паланка

Можно е и ова да ти се допаѓа