• недела, 22 декември 2024

Почна изборната кампања во Романија; изборите ќе се одржат на националниот празник

Почна изборната кампања во Романија; изборите ќе се одржат на националниот празник

Букурешт, 1 ноември 2024 (МИА) - Предизборната кампања за претстојните парламентарни избори во Романија започна на полноќ и ќе заврши на 30 ноември во 7:00 часот по локално време.

За време на овие 30 дена, партиите, коалициите и независните кандидати ќе се обидат да ги убедат гласачите да им дадат поддршка на 1 декември. Гласањето ќе се совпадне со Националниот празник на Романија и ќе се одржи помеѓу двата круга од претседателските избори (24 ноември и 8 декември).

Во однос на кампањата, забрането е користење на возила со изборни слогани. Секоја политичка партија, коалиција или организација на граѓани што учествуваат на изборите, како и независни кандидати, можат да постават најмногу два изборни постера на едно табло. Забранети се постери со комбинација на бои што го репродуцираат знамето на Романија или на друга држава, соопштува Централната изборна комисија. Според законот, секој кандидат може да потроши максимум 44.000 евра за кампањата, пренесува Евроњуз.

Најмногу кандидати има најголемата партија во романскиот парламент – Социјалдемократската (639), по неа следат националистичката СОС Романија (636), Национално-либералната (630), националистичката „Алијанса за единство на Романците“ (621), „Силата на десницата“ (619), Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (596) и опозициската „Сојуз за спас на Романија“ (589). Вкупно 31 политичка формација поднесе кандидатури, како и 19 организации на малцинствата, соопшти Централната изборна комисија.

Рекорден број избирачки места ќе бидат отворени во странство – 950, што е 35 повеќе во споредба со изборите од 9 јуни, кога Романците ги избираа претставниците за Европскиот парламент и за локалната власт. ссм/

фото: архива

Остани поврзан