Почина Мунбин, уште една јужнокорејска К-поп ѕвезда
- Последниве години, според познавачите - „поради притисокот на славата“, на сличен начин починале неколку млади К-поп музичари.
Сеул, 20 април 2023 (МИА) - Мунбин, К-поп пејач и член на машкиот состав „Астро“, почина на 25-годишна возраст, објавија неговата музичка куќа и јужнокорејската полиција. („К-поп“ е кратенка за специфичната „корејска поп-музика“.)
Младиот пејач е пронајден мртов во својот дом во јужен Сеул во средата ноќта, потврди гласноговорникот на Националната полициска агенција, додавајќи дека обдукцијата ќе ја утврди причината за смртта. И издавачката куќа на Мунбин, „Фантаџо мјузик“ ја објави неговата смрт вчера и замоли за „воздржаност од шпекулации и дезинформации“, за неговото семејство да може да му оддаде почит на мир.
Според јужнокорејските медиуми, неофицијално, властите се сомневаат во самоубиство.
Пејачотн со вистинско име Мун Бин, кој настапуваше како Мунбин, беше и глумец и модел пред да се приклучи на бендот во 2016 година, а исто така, настапуваше и со подгрупата „Мунбин и Санха“.
Последниве години, според познавачите - „поради притисокот на славата“, на сличен начин починале неколку млади К-поп ѕвезди, со сомнежи и за самоубиства. Меѓу нив е и музичарката Гу Хара која почина 2019 година. Девојката, според наводите, била сексуално злоставувана од поранешното момче кое откако раскинале ѝ се заканувало и ја уценувало со заеднички секс-видеа. си/