• сабота, 23 ноември 2024

Потпишан договор за реновирање на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ – први од деветте студентски домови опфатени со проектот

Потпишан договор за реновирање на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ – први од деветте студентски домови опфатени со проектот

Скопје, 29 декември 2023 (МИА) – Со заем од 20 милиони евра од Германска развојна банка и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија ќе бидат реновирани деветте државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

Реконструкцијата ќе се одвива во три фази, а во првата ќе бидат реновирани домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје и за нив денеска во Владата беше потпишан договор со економскиот оператор Страбаг АГ кој, како што соопшти министерот за образование и наука Јетон Шаќири, доставил најповолна понуда. 

Реконструкцијата на државните студентски домови е во рамки на Проектот за нивна енергетски ефикасна рехабилитација. 

Премиерот Димитар Ковачевски пред потпишувањето истакна дека се работи за исклучително важен проект и крупна капитална инвестиција која ќе ги подобри условите на студирање и стандардот на студентите кои, рече, се иднината и движечката сила на државата.

-Проектот предвидува целосна реконструкција на сите девет државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. За 18 месеци ќе бидат реконструирани првите два дома - „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје. Со овие капитални инвестиции на дело покажуваме дека позитивните промени се возможни и решаваме децениски горливи прашања затоа што имаме соработници и поддршка од државите во Европската Унија за реализација на конкретни проекти за студентите, истакна Ковачевски. 

Посочи дека за да почне реконструкцијата обезбедени се сите документи и дека тоа не било лесно, особено имотно-правните документи за „Кузман Јосифовски-Питу“ и за „Стив Наумов“ со оглед на тоа што, рече, „со децении тие биле запуштени и со децении не им бил решен имотно-правниот статус“.

Се осврна и на други мерки за поддршка на студентите, како зголемувањето на износот на стипендиите и воведувањето нови категории, субвенциониран студентски оброк од околу 3.000 денари, како и антикризните мерки за студентите од новиот, деветти пакет на Владата.  

Ресорниот министер Јетон Шаќири рече дека целта на проектот за трансформација на сите девет студентски домови во енергетски ефикасни објекти не е само заради енергетската ефикасност и заштедата на енергија, туку студентите да добијат подобри услови за учење и живеење.

-Сите процедури за реализација на проектот ги водевме согласно правилата на Германската развојна банка. Согласно динамиката, реконструкцијата ќе се одвива во три фази. Во првата фаза се „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје и нивната реконструкција е предвидено да трае 18 месеци и за оваа фаза денеска потпишуваме договор со економскиот оператор кој достави најповолна понуда, рече Шаќири.

Посочи дека е предвидено промена на водоводната и електричната инсталација, поставување лед светилки, промена на инсталацијата за греење, промена на санитаријата и изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите и поставување фотоволтаици за производство на електрична енергија. Како што рече, посебно сака да го нагласи опремувањето на собите за студентите со посебни потреби.

Штефен Худолин, в.д. амбасадор на Европската Унија,  рече дека договорот што се потпишува е доказ за спроведување на Зелената агенда на ЕУ, дека сакаат да имаат позитивно еколошко влијание, но истовремено и да им го подобрат животот на студентите и да помогнат да се намали загадувањето во Скопје.

-Со буџет од 25 милиони евра, оваа иницијатива ќе помогне во напорите за декарбонизација, но ќе бидат потребни уште многу повеќе за да ги постигнеме целите кои ги имаме поставено.... Продолжуваме со нашата посветеност да ги подобриме самите објекти и да ги подобриме безбедносните стандарди. Особено ми е драго што оваа соработка ќе се сврти кон студентите во Северна Македонија. Имаме голем број студенти што живеат во студентски домови и ова е можност да инспирираме еколошка свесност, рече Худолин. 

Се обрати и  Ото Граф, заменик амбасадор на СР Германија во земјава, кој истакна дека ова е еден од највозбудливите проекти што Германија го финансира во државава затоа што ги комбинира двата елемента – образованието и енергетската ефикасност.

 -Студентските домови се важен дел за образовниот процес да биде успешен..., а Зелената агенда на ЕУ е дел од декарбонизацијата која сите сакаме да ја спроведеме, рече Граф. хс/лв

Фото: принтскрин

 

Остани поврзан