• сабота, 23 ноември 2024

Поради болест на обвинетиот одложено денешното рочиште од судскиот процес за случајот Пендиков

Поради болест на обвинетиот одложено денешното рочиште од судскиот процес за случајот Пендиков

Охрид, 12 јули 2023 (МИА) – Поради отсуство на првобвинетиот не се одржа денешното рочиште од процесот што во Основниот суд во Охрид се води по предметот по пријавеното претепување на Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид.

Правните застапници на одбраната до Судот доставија медицинска документација со која го правдаа отсуството на првообвинетиот Илија Спасески, кому од лекар специјалист му е одредено боледување со мирување во времетраење од најмалку 15 дена.

Јавното обвинителство од Охрид поднесе обвинителен акт против Спасески, според кој првообвинетиот во предметот се товари за извршено кривично дело „нанесување тешки телесни повреди“, на што обвинетиот се произнесе невин. Спасески во истражната постапка се бранеше со молчење.

Следното судско рочиште по предметот судијата Бојан Мартиноски го закажа за 21 септември.

Адвокатот Стефан Камишевски, застапник на оштетениот, по одложувањето на рочиштето изјави дека обидите за одложување на процесот кажуваат многу за самиот процес.

- Обвинетиот треба да биде присутен на судските рочишта и да ја докаже својата невиност. Во спротивно, претпоставувам дека ќе си наоѓа изговори да не доаѓа на судските рочишта, рече Камишевски.

Самиот Пендикот рече дека се чувствува загрозен, дека не се чуствува безбеден, дека постојано добива закани.

- Добивам закани на месинџер, на инстаграм, на социјални мрежи, закани на коментари и тоа закани дека сакаат да ме убијат, така да не се чувствувам океј. Пријавено е во полиција и пред месеци и сега, редовно пријавуваме и во ОБСЕ...Се надевам дека одиме нанапред, дека имаме поотворено мислење, не треба да се тепаме заради национално чувство. Не е добро никој да биде тепан и омаловажуван поради својата национална припадност, рече Пендиков, кој смета дека засега не му е потребна полициска заштита.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во угостителски објект на Кејот на езерото во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, тој доби и бугарско државјанство, кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова. аб/цр

Фото: МИА

Остани поврзан