• понеделник, 23 декември 2024

Помпео: Русија се обидува да го растури сојузништвото на САД со Европа

Помпео: Русија се обидува да го растури сојузништвото на САД со Европа
Прага, 12 август 2020 (МИА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео, на денешната средба со чешкиот премиер Андреј Бабиш во Прага, предупреди дека Русија се обидува да ја поткопа соработката на САД со посткомунистичките земји-членки на Европска Унија и да го растури западното сојузништво, но оти нема да успее. Тој наведе дека избирањето на руски или кинески партнери за стратешки проекти, како што е изградба на нов нуклеарен блок на електраната Дуковани може да ја поткопа независноста на Чешка. - Го следиме интересирањето на американската страна, но ние со тој проект во моментот сме во стадиум на нотификација со ЕУ, посочи Бабиш. Помпео потенцира дека не дошол во Прага за да ги натера Чесите да избираат помеѓу САД и Кина. - САД против Кина, тоа не е вистина. Тоа е избор што го прават Чесите. На една страна е авторитативен режим, а на друга - слободата. Кога бирате режим каков што е на Комунистичката партија на Кина, знаеме каков е тој модел. Видовме што се случи во Хонг Конг, истакна Помпео, додавајќи оти е убеден дека Чесите нема да изберат таков модел. Премиерот Бабиш истакна дека Чешка е суверена земја и оти не гледа суштинска закана во соработката со Кина или со Русија. Тој додаде дека Прага е внимателна и оти е „на иста линија“ како и ЕУ кон тие две светски сили. Помпео и Бабиш изразија загриженост поради ескалацијата на кризата во Белорусија и насилството врз демонстрантите. - Ги следевме изборите и стравуваме дека не беа праведни. Кажав дека Белорусите бараат слобода, апелиравме граѓаните да бидат заштитени од нападите на вооружените лица. Ние сакаме Белорусите да имаат слобода. Сакаме сите да имаат исти можности. Ќе инсистираме да им помогнеме на Белорусите, посочи Помпео. Додека Бабиш упати апел до западните сојузници, пред се до ЕУ, да не остане само на зборови и осуди на официјален Минск, туку да преземат акција. - Состојбата во Белорусија е шокантна. Не можам да замислам нешто толку скандалозно да се случува во Европа... Режимот е неприфатлив, тоа што се случува на улиците е неприфатливо, посочи Бабиш. Помпео и Бабиш разговараа и за евентуална соработка во борбата против Ковид-19. Помпео денеска се сретне и со чешките сенатори во Горниот дом на чешкиот Парлманет и со шефот на државата Милош Земан. Тој утре ќе ја посети Словенија. ми/

Остани поврзан