Полски служби разбија руски и белоруски мрежи за кибер напади
- Полските безбедносни служби разбија група Руси и Белоруси кои се обиделе да се инфилтрираат во други институции преку кибер упад во системите на Полската антидопинг агенција и да добијат чувствителни податоци кои подоцна би биле користени од руските и белоруските разузнавачки служби за уценување на Полјаците и институциите, соопшти денеска полскиот вицепремиер Кшиштоф Гавковски.
Варшава, 9 септември 2024 (МИА) – Полските безбедносни служби разбија група Руси и Белоруси кои се обиделе да се инфилтрираат во други институции преку кибер упад во системите на Полската антидопинг агенција и да добијат чувствителни податоци кои подоцна би биле користени од руските и белоруските разузнавачки служби за уценување на Полјаците и институциите, соопшти денеска полскиот вицепремиер Кшиштоф Гавковски.
- Спречена е нивната цел да внесуваат и да земат податоци, а подоцна и да уценуваат. Тие групи имаа намера политички, воено и економски да ја парализираат Полска, изјави вицепремиерот за дигитализација Гавковски на прес-конференција.
Покрај државните институции, на мета биле и локалните самоуправи и полски компании од одбранбениот и безбедносниот сектор.
Во разбивањето на оваа мрежа на саботери, како што ги нарече Гавковски, соработуваа Воено-разузнавачката служба, контраразузнавачката цивилна агенција за внатрешна безбедност и академската мрежа за следење на интернетот и кибер просторот НАСК.
- Белоруските и руските тајни служби имаа јасна цел да добијат информации и да ги искористат за уценување поединци и разни институции и со тоа да водат кибер војна. Со месеци забележуваме зголемена криминална активност во кибер просторот, рече Гавковски.
Во првите шест месеци од годинава биле пријавени над 400.000 кибер напади, а службите интервенирале околу 100.000 пати. јт/