• недела, 26 јули 2026

Пожар на депонијата кај Струмица, пожарникарите апелираат до граѓаните да останат смирени

Пожар на депонијата кај Струмица, пожарникарите апелираат до граѓаните да останат смирени

Струмица, 19 јули 2026 (МИА) - ТППЕ Струмица уште од раните утрински часови е ангажирана на гаснење на пожарот на депонијата кај село Добрашинци. На терен интервенираат две противпожарни возила и шест пожарникари-спасители, кои континуирано работат на локализирање и целосно ликвидирање на пожарот, објавија пожарникарите доцна попладнево.

Се додава дека во интервенцијата активно е вклучено и ЈПКД „Комуналец“ - Струмица, чија механизација работи на затрупување на депонијата со цел да се спречи повторно разгорување на жариштата.

-Пожарот е локализиран, но поради специфичноста на пожарите на депонии, екипите и понатаму остануваат на терен и работат на негово целосно гаснење и обезбедување на локацијата. Апелираме до граѓаните да останат смирени, да не шират непроверени информации и да ги следат официјалните известувања. Воедно, ги повикуваме сите на совесно однесување и избегнување активности што можат да предизвикаат нови пожари, се наведува во објавата

Се посочува дека ТППЕ Струмица ќе продолжи да ја следи состојбата сè до целосно гаснење на пожарот и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој на настанот. рт/нд/

Фото: ТППЕ Струмица