• недела, 22 декември 2024

Повторно се чисти дивата депонија кај кумановската населба Перо Чичо

Повторно се чисти дивата депонија кај кумановската населба Перо Чичо
Куманово, 26 април 2022 (МИА) - Екипи на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ и претставници од здружението „Ромалитико“, денеска ја чистеа дивата депонија на влезот од кумановската населба Перо Чичо. Акцијата се спроведува во рамките на проектот „Заедно за просперитетна заедница“. што го спроведува „Ромалитико“ по повод Меѓународниот ден на планетата Земја. Во втората фаза од акцијата е предвидено и обновување на катчето. – Заедно со локалното население,поддржувачите на проектот, тука сме да ги обновиме и подобриме условите, да го исчистиме местото и да посочиме дека ова е заедничко добро и дека некои работи што зависат од нас можеме да ги преземеме и да ги решиме бргу, рече Суад Скендери проектен директор. Емил Адемовски, консултант во здружението кажа дека проектот во кој се опфатени 17 општини ќе го спроведуваат до јуни 2025 година. - Планот е да направиме што е можно повеќе акции кои ќе бидат за заедничко добро, без оглед кој, каде и како, важно е заедницата да почувствува дека ваквите места се исто така и нивно место за да го употребуваат сите. Нема да покриваме акции кои ќе бидат поврзани само со чистење туку имаме и примери од акции целта е заедницата сама да дојде со приоритетите и да ни каже што всушност им е ургентно и како можеме да го решиме заедно. Во Куманово заедницата алармирала за чистење на детското катче, речното корито, уредување на канализациска мрежа во Средорек и улично осветлување, појасни Адемовски. И кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски вели дека депонијата се чисти континуирано веќе со години наназад. - Поставивме и детско катче за да ги одвратиме несовесните граѓани од непрописно депонирање на смет на оваа локација и за жал повторно сме сведоци на истата слика која постојано се повторува – Детското катче е оштетено и полно со смет, како и целата околина на таа локација. Мораме заеднички да ја заштитиме и да ја чуваме нашата животна средина, да ја подигнеме еколошката свест на сите генерации и да придонесеме во подобрување на комуналната хигиена во градот, вели Димитриевски. Депонијата е проблем на градот, бидејќи е на видливо место, а речиси секојдневно по затоплувањето гори сметот и мора да интервенираат и кумановските пожарникари. И вчера интервенираа пожарникарите на пожар на депонијата од која се шири непријатен мирис. ам/цр

Остани поврзан