Повеќе од 800 деца најавија учество на годинешната Бадникова поворка низ улиците на Охрид
- Годинава новина е што покрај централните поворки во Охрид и Струга, ќе има и повеќе поворки во околните села, со што радоста за Христовото раѓање дечињата ќе ја пренесат во што повеќе домови.
Охрид, 3 јануари 2025 (МИА) – Повеќе од 800 дечиња се очекува да бидат дел од годинешната Бадникова поворка низ улиците на Охрид, што традиционално се одржува ден пред големиот христијански празник Божик.
Децата низ улиците на градот ќе ја пеат возобновената христијанска песна „Вечниот Бог“, на тој начин најавувајќи ја веселата вест за Христовото раѓање.
Годинава новина е што покрај централните поворки во Охрид и Струга, ќе има и повеќе поворки во околните села, со што радоста за Христовото раѓање дечињата ќе ја пренесат во што повеќе домови.
Според најавениот протокол, поворката ќе тргне утрото во 10:30 часот од црквата „Св. Георги“ во Горна Влашка мала и ќе се движи по улицата „Јане Сандански“, булеварот „Туристичка“ и низ охридската чаршија. Некаде на пладне децата ќе пристигнат на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“, а кај бадниковата пештера коледарчињата ќе ги пречека градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој заедно со претставници на Советот на Општината, на градските јавни претпријатија ќе ги даруваат децата со пригодни подароци.
Летка Филипова, регионалниот координатор на Бадниковите поворки, посочува дека новост оваа година е што во предвечерието на Бадник, на 5 јануари ќе биде формирана една помала група на дечиња кои ќе ја пејат Вечниот Бог и ќе се движат по чаршијата и дуќаните, потоа ќе се разделат во помали групи и со помали пештери ќе ги посетуваат домовите.
Бадниковата поворка во Охрид се одржува по 12 пат, во оганизација на Здружението за грижа и воспитување деца од Охрид, со поддршка на Локалната самоуправа. аб/са/
Фото: МИА
фото/МИА