• недела, 22 јуни 2025

Пињо: Одлуката на Општиот суд на ЕУ не ја доведува во прашање транспарентноста на ЕК 

Пињо: Одлуката на Општиот суд на ЕУ не ја доведува во прашање транспарентноста на ЕК 

Брисел, 14 мај 2025 (МИА) - Денешната одлука на Општиот суд на ЕУ не ги доведува во прашање транспарентноста на Европската комисија и нејзините правила за евиденција на документите, туку кажува дека таа требало да даде попрецизно објаснување во својот одговор дека не ги поседува бараните податоци, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.   

Изјавата на Пињо се однесува на пресудата на Општиот суд на ЕУ по тужбата на весникот „Њујорк тајмс“ затоа што ЕК одбила на негова новинарка да и ги достави на увид СМС пораките разменети меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла од пролетта 2021 година, со кои се договарала набавката на вакцини во екот на пандемијата на Ковид-19 низ Европа. Судот со седиште во Луксембург оцени дека Европската комисијата „не дала веродостојно објаснување за да го оправда“ одбивањето на барањето на новинарката.  

- Со други зборови, ние ова го толкуваме дека Комисијата треба подобро да образложи како дошла до заклучок дека нема такви податоци. Како резултат на денешната одлука ќе донесеме ново решение со поцелосно и подетално образложение согласно она што беше изнесено во судската одлука од утрово, рече Пињо. 

Според неа, во овој случај станувало збор за барање за пристап до документи и како и при секое такво барање Комисијата прво проверува дали има евидентирани документи поврзани со тоа барањето и дали се тие достапни.  

- Комисијата го направи тоа. Во таа прва проверка не пронајде никакви документи, а потоа провери дали постојат такви документи поврзани со барањето, а кои не се евидентирани, бидејќи може да има нешто што е релевантно за барањето, но тоа да не е евидентирано. Во тој случај, Комисијата проверува и ги прашува засегнатите служби дали има такви документи. Тоа е направено и како резултат на пребарувањето не беа идентификувани документи поврзани со барањето, објасни Пињо. 

На прашање дали ова значи дека бараните СМС пораки не се пронајдени затоа што биле намерно или ненамерно избришани, Пињо одговори дека таа не спомнала никакви пораки. 

- Тоа не е она што го кажав. Јас не споменав и не се осврнав на никакви избришани пораки. Не реков дека има избришани пораки, изјави Пињо одново објаснувајќи ја постапката по поднесени барања за пристап до документи. 

Запрашана дали тоа што овие пораки не се зачувани, Комисијата ги смета за нерелевантни, Пињо одговори дека согласно внатрешните правила, членовите и персоналот на ЕК не треба да ги користат СМС пораките на мобилните телефони за пренесување на важни информации. 

Сепак, според неа, во исклучителни случаи и ако тоа е строго во интерес на службата, може да се разменуваат СМС пораки и доколку нивната содржина е важна тие треба да се евидентираат, односни оној што ги разменил треба да направи копија и да ги препрати на соодветен начин за евидентирање. 

На забелешката дека не смета дека со одбегнувањето директно да одговори на прашањата остава впечаток дека нешто крие околу набавката на вакцините, Пињо истакна дека целата таа постапка е спроведена со целосна транспарентност.  

- Имаше Управен одбор во кој учествуваа членови на Комисијата и претставници на земјите членки и тие можеа да го кажат своето мислење за договорот што ги споменавте за вакцините, додаде Пињо. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан