• сабота, 21 декември 2024

Писториус во Сараево предупреди на руска опасност за Балканот, решенијата ги нуди ЕУ

Писториус во Сараево предупреди на руска опасност за Балканот, решенијата ги нуди ЕУ

Сараево, 6 февруари 2024 (МИА) - Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, денеска во Сараево предупреди на опасноста од можното влијание на Русија на Западен Балкан, а истовремено кажа дека владата во Берлин ги поддржува амбициите на државите од овој регион за членството во ЕУ доколку ги исполнат поставените услови.

Писториус денеска престојува во работна посета на Сараево, каде што одделно се состана со членовите на Претседателството на БиХ, министерот за одбрана, Зукан Хелез, и високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит.

По средбата со министерот за одбрана Писториус пред новинарите изјави дека Германија посебно е посветена на  стабилноста на Босна и Херцеговина и затоа сака да и пружи секаква поддршка, вклучително и можното членство во Европската унија, но европскиот пат на земјата, како што истакна, е ист како и за сите други западни земји од Балканот, и зависи од исполнувањето на јасно поставените критериуми.

-Така и ќе остане затоа што тоа така треба да биде, рече Писториус, нагласувајќи дека „не може да се седи на две столчиња“, односно на сите мора да им биде јасно дека мора да се исполнат предусловите за членство.

Германија е меѓу земјите кои досега експлицитно се спротивставуваа на отворањето на преговорите за БиХ за членство во ЕУ се додека властите во земјата не покажат дека се подготвени да ги спроведат потребните реформи.

Писториус кажа и дека Германија сака да ја поддржи стабилноста на БиХ бидејќи е свесна дека Русија може да ја искористи оваа земја, но и целиот Балкан, како полигон за дестабилизација на Западот.

-Агресивната акција на Русија досега наиде на јасен одговор од Западот, а така ќе продолжи и во иднина, рече Писториус, потврдувајќи дека Германија и годинава ќе продолжи да испорачува тенкови Леопард за Украина. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан