• недела, 22 декември 2024

„Пејзаж на вознемиреност - 11 критични жешки точки во Република Северна Македонија“ во МСУ

„Пејзаж на вознемиреност - 11 критични жешки точки во Република Северна Македонија“ во МСУ

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Во Музејот на современата уметност, вечер во 19 часот ќе се одржи настанот „Пејзаж на вознемиреност – единаесет критични жешки точки во Република Северна Македонија“, во чии рамки е предвидена промоција на публикација, изложба на фотографии и презентација на проф. д-р Трајче Стафилов и Тихомир Топузовски.

Настанот, како што наведуваат од МСУ, е резултат на неколкумесечното истражување и изложба со истоимениот наслов и се однесува на Република Северна Македонија како една од земјите на Западен Балкан кои претставуваат средиште на загадувањето во Европа, пред сѐ, поради застарените фабрики за јаглен, автомобилите, неисправните индустрии, како и енергетската сиромаштија на населението. И низа други фактори кои во континуитет го загадуваат воздухот, водата, загрозувајќи го севкупниот биодиверзитет на земјата,
предизвикувајќи негативни влијанија врз животната средина и здравјето на граѓаните.

-Публикацијата е дел од проектот „ПЕЈЗАЖ НА ВОЗНЕМИРЕНОСТ- КУЛТУРА И УМЕТНОСТ ЗА ИДНОТО КОЕГЗИСТИРАЊЕ СО ЕКОЛОШКИТЕ КРИЗИ И КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ’ и започнува со објаснување и визуализирање на таканаречените жешки точки на Македонија, односно антропогеоморфолошки пејзажи, каде нивната ургентност за решавање произлегува од критериумите како количеството на отпад, токсичноста, близината до населените места и концентрацијата на опасни хемикалии, посочуваат организаторите.

Во продолжение, се прикажани работилниците кои беа дел од проектот, реализирани во Велес, Битола и
Преспа, со цел подигнување на свеста и мобилизација на граѓаните околу прашањата на локалните девастирани животни средини; и третиот дел се однесува на изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје во март 2023 година, која е создадена од сите учесници вклучени во проектот, каде се истражуваа и практикуваа нови модели на соработка, стратегии и иницијативи кои подразбираат заедничко дејствување.

Изложбата ја градат фотографии од 11 жешки точки лоцирани од професорот Стафилов и кои се однесуваат на конкретни локации на активни и затворени индустриски објекти што генерираат отпад и ја загадуваат животната средина со тешки метали. 

Во рамки на настанот свои обраќања ќе имаат и проф. д-р Стафилов и Тихомир Топузовски.

Фотографиите се авторство на Денис Сарагиновски, а целиот настан е продуциран во соработка со кураторката Ивана Васева. Проектот е поддржан од Фондацијата отворено општество – Македонија. вг/

Остани поврзан