• петок, 22 ноември 2024

Петровска: ЕУ да го одржи ветувањето за европската перспектива на регионот

Петровска: ЕУ да го одржи ветувањето за европската перспектива на регионот
Делфи, 7 април 2022 (МИА) – Многу е важно, не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион, особено сега со ситуацијата во Украина, сите интегративни процеси да продолжат, пораките од ЕУ да се претворат во акција, а Унијата да го одржи ветувањето за европската перспектива на регионот, истакна министерката за одбрана на Северна Македонија Славјанка Петровска на панел дискусијата „Безбедносни прашања на Западен Балкан“ во рамки на седмиот Делфи економски форум во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. -Можеби ги повторуваме пораките, се повторуваме самите во она што го кажуваме, но со ситуацијата со која се соочуваме во Украина, логиката е дека нашите повторувања , нашите повици треба да се претворат во акција. А секако интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ е една од акциите што треба да се преземат, порача Петровска. Говорејќи за ЕУ перспективата на земјава рече дека интеграцијата е во стенд бај поради прашањето со Бугарија, но истакна дека постои одлична соработка и комуникација со бугарската Влада, а од наша страна постои волја за решение. За време на панел дискусијата, министерката неколку пати повтори дека потребно е да има јасна и на дофат европска и евро- атлантска перспектива за балканските земји, нешто што ќе  „промовира дополнително зајакнување на демократските вредности и процеси во регионот и ќе биде катализатор за суштински реформи во нашите општества“. Изрази надеж дека ЕУ ќе биде во можност да направи чекор напред во оваа насока и земјите да бидат охрабрени да продолжат со реформите и покрај пречките. -Потребни се јасни пораки, но и исто така и акции, истакна министерката и додаде дека реформите не се само политички, туку се однесуваат на одредени области како што се човековите права, демократски норми итн. На прашање од модераторот на панелот, професорот Јоанис Армаколас, дали Северна Македонија прави доволно на полето на реформскиот процес, министерката Петровска направи споредба со напредокот на државата за периодот од 2017 до сега, при што нагласи дека од држава со сериозно поткопани и компромитирани институции, особено по скандалот со прислушкувањето, сега е членка на НАТО, додаде дека ова членство не подразбира само политичка волја, туку и исполнување на болни и сеопфатни реформи, особено во секторот на разузнавачките служби. Паралелно посочи дека почетокот на преговорите за членство во ЕУ „ќе донесе поголем, позитивен притисок врз институциите“ во однос на реформите. За промените на јавното мислење во земјава, во однос на европската перспективата, министерката објасни дека причината е затоа што постојат пречки кои практично не се поврзани со ЕУ критериумите. Рече дека ЕУ членството е„инвестиција во иднината“, а од оваа гледна точка, ја гледаат „инвестицијата во Договорот од Преспа“, бидејќи „ако не го потпишавме, ако немавме визија за безбедносен регион, денес немаше да бидеме толку удобни, по она што се случува во Украина“. Истакна дека по инвазијата во Украина, прашањето што се поставува во нашата земја е „Дали сме безбедни?“, а одговорот потврден, бидејќи сме земја членки на НАТО, членство кое нема само политички, туку и безбедносен аспект. Во однос на Русија посочи дека постојат различни активности, кои не се фокусирани само на нашата земја туку и на другите земји од Западен Балкан. Министерката за одбрана, обраќањето го заврши со три пораки: „порака на единство, решителност и солидарност“. На панел дискусијата за безбедносните прашања во регионот, Петровска дискутираше со Клаус Витман, доцент од германски Универзитет и членовите на Меѓународниот центар Низами Ганџави, Младен Иваниќ и Петар Стојанов. Попладнево, на маргините на седмиот Економски форум во Делфи, министерката ќе одржи билатерална средба со нејзиниот грчки колега Никос Панајотопулос.ср/лв/

Остани поврзан