• понеделник, 23 декември 2024

Песната „We Pray“ е хитот од новиот албум на „Колдплеј“

Песната „We Pray“ е хитот од новиот албум на „Колдплеј“

Лондон, 5 ноември 2024 (МИА) - Британскиот поп-состав „Колдплеј“ (Coldplay), неодамна го објави својот 10-ти албум „Moon Music“. Содржи 10 песни, а жанрот е истиот - спој на алтернативен рок и поп-музика. Според одѕивот, се чини, песната „We Pray“ е можеби и најбарана од новиот албум.

Пејачот на групата, Крис Мартин гостуваше во „Тунајт шоу“ (The Tonight Show), каде што  говореше и за новиот албум, и за песната којашто стана хит. Така, вели, замислата за песната му дошла „среде ноќ“ и просто морал да ја преточи во дело.

- Песната е за тоа како луѓето, кои се дури и непријатели еден со друг, сè уште се молат за истите работи. Непријателот не е толку различен од нас како што сите мислиме. Сите се молиме, само некои го прават тоа на разни и различни начини. Јас сакав сите луѓе - од сите различни континенти, да ја пеат оваа песна, изјави Крис.

„Колдплеј“ го објавија новиот албум по успешната светска турнеја, по албумот „Music of the Spheres“ објавен во 2021 година. Според Мартин, групата „се подготвува за пензионирање“ оти 12-от албум ќе им биде последен.

- Ќе снимиме 12 албуми и тоа е тоа!, рече тој кусо за „Епл мјузик“ (Apple Music).

Инаку, компанијата за лиценцирање музика „ППЛ“ (PPL) неодамна го прогласи „Колдплеј“ за „Најслушаниот британски состав“ на 21 век. Според листата, најпуштаната песна е хитот број еден од 2008., „Viva La Vida“, како и нивните други хитови „Paradise“, „Clocks“, „Something Just Like This“ и „Adventure Of A Lifetime“.  си/мс/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан